Научниците досега претпоставуваа дека има езера со проточна вода скриени под јужната поларна ледена капа на Марс, но се чини дека тоа всушност би можело да биде површина од обични карпи.
Според најновите анализи, екстремно светлиот радарски сигнал на Црвената планета кој се толкува како знак на подземна вода може да укаже и на геолошки слоеви. Се разбира, и сега експертите не се сосема сигурни за што се работи, но ова истражување укажува дека се потребни посилни докази пред да можеме со сигурност да кажеме што се крие под јужниот пол на Марс.
„Покажавме дека слични рефлексии можат да настанат како природен резултат на мешање на слоеви од геолошки материјал, без потреба да се алудира на постоење на вода. Овој резултат, во комбинација со други неодамнешни истражувања, ја доведува во прашање веројатноста за пронаоѓање течна вода под слоевитите наслаги на Јужниот пол“, наведуваат научниците во студијата.
Мистериозен сигнал
Мистериозниот сигнал кој укажува на скриени резервоари за вода е откриен пред неколку години од вселенското летало „Марс експрес“ на Европската вселенска агенција. Имено, експертите потоа забележале област на невообичаено рефлектирачки материјал под јужниот пол на Марс. Последователните пребарувања откриле уште повеќе такви места, што покажува дека ова не е изолирана појава.
Особено фасцинантен е фактот што слични „сјајни“ области се наоѓаат и на Земјата, длабоко под мразот на Јужниот пол. Станува збор за субглацијални езера, како што е езерото Восток, кои формираат мрежа од резервоари за течна вода под мразот на Антарктикот, пишува Science Alert.
Затоа, научниците заклучиле дека на Марс може да има слични скриени езера. Но, имало еден проблем. Наводно, Марс е премногу студен за течна вода, дури и ако е под висок притисок под ледените плочи и има пониска точка на замрзнување поради присуството на сол.
Анализа на проблемот
Значи, кои се овие области? За да ја истражат оваа енигма подетално, астрономот од Универзитетот Корнел, Ден Лалич, и неговите колеги спровеле симулации користејќи слоеви од четири материјали за кои се знае дека се наоѓаат на Марс.
Радарот снимал сигнали со отскокнување на радио брановите од објект или површина. Времето кое е потребно за радио брановите да се рефлектираат назад и нивната сила ги откриваат својствата на материјалите под површината на планетата, но не и нужно какви материјали се користат.
Научниците симулирале слоеви на воден мраз, мраз со јаглерод диоксид, базалт и атмосфера во различни конфигурации и дебелини, секој со својства кои рефлектираат специфични сигнали.
Тие потоа утврдиле какви сигнали ќе произведат тие конфигурации и добиле сигнал исто толку светол како оној што го забележал Марс Експрес. Сепак, тој не бил создаден од скриени езера, туку од слој правлив воден мраз кој се наоѓа помеѓу два слоја мраз од јаглерод диоксид.
Ова не е единственото истражување кое покажува дека мистериозниот сигнал не доаѓа од проточна вода. Минатата година, научниците откриле дека замрзнатата глина произведува исто ниво на радарски сјај, а оваа година дека може да биде предизвикан и од вулкански карпи.
Така, ова најново истражување само дава поголема тежина на хипотезата дека всушност нема резервоари со течна вода под половите на Црвената планета. Што секако е штета бидејќи постоењето на течна вода би можело да влијае на можноста за живот, како и на одржливоста на идните мисии со екипаж на Марс.
„Не докажавме дека таму нема проточна вода. Мислам дека само преку дупчење ќе дознаеме која хипотеза е точна, а која погрешна“, рече Лалич.
Истражувањето, насловено како Explaining Bright Radar Reflections Below The South Pole of Mars Without Liquid Water е објавено во списанието Nature Astronomy.