Долгоочекуваното лансирање на ракетата SLS на американската вселенска агенција NASA официјално е одложено за ноември.
NASA претходно се откажа од лансирањето на SLS планирано за 27 септември поради ураганот Иан, а сега и официјално е потврдено дека новото можно лансирање е одложено за ноември. Според новиот план, вселенската агенција има намера да ја лансира мисијата Artemis 1 во периодот од 12 до 27 ноември.
Претходно, имаше мала шанса за нов обид за лансирање овој месец, но тоа не беше можно бидејќи NASA ја врати ракетата во објектот VAB (Vehicle Assembly Building) за да ја заштити од урагани.
Ураганот Иан ја зафати Флорида минатата недела, но ослабна и стана тропска бура пред да падне на копното во вселенскиот центар Кенеди во четвртокот. Мисијата Artemis 1 не претрпе никакви штети, освен што во објектите влезе одредено количество вода.
Како дел од мисијата Artemis 1, беспилотната капсула Орион ќе тргне на пат околу Месечината, а тоа ќе биде основа за идните мисии чија крајна цел е враќање на луѓето на Месечината, односно слетување на првото лице со темен тен и жена на површината на Месечината.
NASA претходно го одложи лансирањето поради истекување на гориво, но во меѓувреме тоа е решено.