Со четвртата генерација на флексибилни уреди од серијата Z, Samsung направи уште еден чекор кон „нормализација“ на паметните телефони со екрани на преклопување, а најновиот Galaxy Z Fold4 е уште поблиску до првичната идеја за хибриден уред за широките маси.
Текст и фото: Никола Бурагев
Galaxy Z Fold4 претставува итеративна надградба во однос на Fold 3, но подобрени се неколку клучни аспекти на уредот, кои овозможуваат подобрено корисничко искуство. Со најновиот модел, Samsung ја етабилираше технологијата на која сака да ги развива новите уреди и се концентрираше на тоа да ги направи подобри и помалку комплицирани, со неколку естетски подобрувања.
Со внатрешен дисплеј од 7,6 инчи, поцврста шарка и дизајн нагласен со мат финиш, Fold4 е несомнено убав. Затворањето на шарката обезбедува задоволителен отпор, а надворешниот и внатрешниот екран имаат помали рабови и сè изгледа покомплетно, посебно со новите функции за поголеми екрани, кои неодамна беа објавени од Google како дел од Android 12L. Смартфонот е исто така потенок и поелегантен додека е расклопен, со шарка што се „крие“ и работи на впечатокот дека држите вистински таблет во рацете.
Дизајн и екрани
За почеток, Fold 4 е полесен од Fold 3. Во прашање се само неколку грама (263 наспроти 271) и разликата може да се почувствува. Под тоа најмногу мислиме на кратките „налети“, бидејќи по еден час држење – и двата уреда делуваат еднакво тешко. Сепак… се е работа на перспектива. Fold може да се посматра како малку потежок телефон или ултра лесен таблет. Дизајнот е исто така малку поинаков. Овој пат линиите на уредот се уште порамни, аглите не се толку заоблени, а во комбинација со малку поинаков преклопен механизам (кој на почетокот пружа малку помал отпор) всушност е полесно да се отвори, односно расклопи отколку претходникот. И камерите сега се малку повеќе „истурени“ (поради поголемите сензори), но тоа е буквално невозможно да се забележи, освен ако не ги поставите двата модели еден покрај друг.
Сепак, далеку најголемо подобрување оваа година доби предниот екран, кој сега е малку поширок и пократок. Резултат на тоа е дека предната страна на Z Fold 4 изгледа многу повеќе како обичен смартфон, а не како некој експериментален уред со чуден и издолжен дисплеј. И овој екран се уште делува издолжено (формат 23.1:9), но тоа е многу помалку забележително отколку кај претходникот. За тоа помага и тоа што предната страна е многу посиметрична, односно рамката на левата страна не е толку дебела. Новиот дисплеј е речиси 3 мм поширок, поради што е многу полесно користењето на тастатурата на екранот. И покрај поширокиот надворешен екран, Fold 4 е еднакво широк како Fold 3. За тоа пред се е најзаслужна помалата рамка и редизајнираниот преклопен механизам. Секако, Fold 4 е понизок, бидејќи сега има и пократок дисплеј (дијагоналата и натаму остана 6,2 инчи), а кога ќе се расклопи се добива екран, кој е поголем по ширина и помал по висина во однос на Fold 3 – иако е со иста дијагонала од 7,6 инчи.
Екраните кај новиот модел и натаму се Dynamic AMOLED 2X со стапка на освежување од 120 Hz и со максимална осветленост од 1200 нита, а се одликуваат и со одличен контраст. Во секој поглед се извонредни, освен при рефлексијата. Имено, на сончев ден ниту Fold 3, а ни Fold 3 не можат да го надминат отсјајот, што е последица од природата на екранот и заштитната фолија. Браздата на средината на расклопениот дисплеј не е променета во однос на претходниот модел, но од искуство ви пренесуваме дека многу лесно се навикнувате на неа и по некое време едноставно не се ни забележува. Со текот на време, жлебот на средина не се шири, ниту пак се забележува, и по една година, останува исти како првиот ден.
Перформанси и батерија
Што се однесува до перформансите, за нив е одговорен најновиот Qualcomm Snapdragon 8+ Gen 1 чипсет во комбинација со графичкиот процесор Adreno 730 и 12 GB RAM меморија. При нашето користење, уредот не се загреваше претерано ниту под поголем притисок на игри и апликации, а секојдневното користење на социјалните мрежи и прегледувањето на веб-страници ги извршуваше флуидно и без никаков застој. Треба да се напомене дека Snapdragon 8+ Gen 1 загрева осетно помалку од Snapdragon 888, кој се наоѓаше во Fold 3. А доколку се земе в предвид дека Fold 3 беше можеби и најстудениот смартфон со тој процесор, тогаш новиот Snapdragon делува уште поимпресивно.
Друга голема промена е батеријата. Капацитетот можеби остана ист (4400 mAh), но Snapdragon 8+ Gen 1 е многу поефикасен од претходните два Snapdragon чипа. Позитивно сме изненадени колку овој процесор е подобар и поефикасен, што е добра вест не само за Fold 4, туку и за сите претстојни Android телефони. Резултатот е 25-30 проценти подобра батерија од Fold 3, што е навистина огромен скок.
Просечниот screen on time, коминирано на 4G и WiFi, изнесуваше околу 5 часа при нашата употреба. Дополнително помага и новата опција за заштеда на батеријата која се нарекува „профил на работа“. Тука може да се избере поедноставениот начин кој „дава предност на траењето на батеријата и ефикасноста на ладењето во однос на брзината на обработка“. Битна работа тука е дека за разлика од штедењето на батеријата, оваа опција не ја исклучува стапката од 120 Hz, па и натаму може да се ужива во мазно скролање. Да бидам искрен, не почувствувавме никаква разлика во брзината при активирање на оваа опција, но секогаш се добиваше подолго траење на батеријата, односно отприлика 30 минути повеќе screen on time.
Систем на камери
Голема промена претрпеа и камерите. Главниот сензор од Sony IMX555 со резолуција од 12 MP порасна на Samsung ISOCELL GN5 од 50 MP, кој се користи кај S22 и S22+ смартфоните, што е сериозно унапредување. Од споменатите уреди е „украден“ и Samsung телефото сензорот со 3x оптички зум, наспроти 2x сензорот во Fold 3. Она што не се промени е широкоаголната камера со Sony IMX258 сензор, која датира уште од 2015. година. Бидејќи системот на фокусирање не е присутен, тоа значи дека нема можност за макро фотографии, но за тоа може да се користи стабилизираната телефото камера.
Од друга страна, треба да се биде реален при очекувањата и да се сфати дека фокусот кај Z Fold и Flip сериите не се камерите, туку многу повеќе од тоа. Со оглед на тоа што две од трите камери се преземени од серијата S22, разликата во квалитетот во однос на Fold3 е очигледна во многу области. Контролата на шумот е подобра, фотографиите се за нијанса поостри, има повеќе детали, а динамиката на кадарот е многу добра кај двата модела. Фотографиите со главната камера на Fold4 се малку поживи и поатрактивни, со нешто позаситени бои, особено оние со небо во позадина, со напомена дека камерата има тенденција да ги преекспонира потемните кадри, а потоа да ги коригира со софтвер. Во однос на Fold 3, разликата најмногу се забележува во ноќни услови, каде новиот 50 MP сензор успева да извлече осетно повеќе детали на местата каде што има многу малку светло.
Наспроти полуупотребливиот 2x зум кај Fold3, Fold4 конечно доби вистинска телефото камера. 3x зумот со оптичка стабилизација сериозно ги приближува објектите во далечина, а контролата на шумот е исклучително добра и претставува сериозно подобрување во споредба со претходникот. Сите параметри на телефото камерата се за нијанса подобри – зум, динамика, контрола на шумот и острина, додека префрлањето од главната на телефото камерата не прави преголема разлика во квалитетот, се додека има доволно светлина во кадарот.
Освен малку позаситените бои, квалитетот и перформансите на широкоаголната камера на дневна светлина се идентични. Ќе споменеме и дека Samsung сè уште ја има опцијата за полуавтоматски ноќен режим, кој можете да го контролирате преку иконата на месечината која ќе се појави кога телефонот ќе процени дека кадарот е премногу темен. Токму овој режим кај Fold4 овозможува значително подобри ноќни фотографии со широкоаголната камера, иако се работи за истиот сензор. Додека оние од Fold3 се темни и матни, на Fold4 се коректни и многу употребливи.
Ниту селфи камерата не е променета и станува збор за 10MP камера од Fold3, но повторно изненадување – квалитетот на фотографиите кај Fold4 е многу подобар во многу параметри – острина, одвојување на субјектите, портретен режим и квалитет на репродукција на бои. Ова е вистински пример за тоа како различен процесор за обработка на слика може да направи сериозна разлика во квалитетот.
Софтвер и интерфејс
Од софтверска страна, иако би сакале Fold4 да пристигне со Android 12L верзијата на оперативниот систем, тука е стариот познат Android 12, обложен со One UI интерфејс во верзијата 4.1.1, додека Fold3 работеше со One UI 4.1. Таа дополнителна единица прави навистина сериозна разлика при користењето на уредот.
Со Fold4, Samsung го воведе таканаречениот таскбар, односно лента со апликации, која секогаш кога не сте на менито или на некој од почетните екрани, се сместува на дното, заедно со двете последни користени апликаици и кратенка до сите апликации. Се работи за многу корисна функција, која има опција за прилагодување или исклучување, бидејќи во суштина го прави сетоа она што и страничното мени, кое и натаму е присутно.
Покрај приспособениот кориснички интерфејс и некои кратенки, апликациите на Microsoft како Outlook, Word, Excel и Power Point се прилагодени на големиот екран, а истото важи и за Facebook, Messenger, Google Meet и некои други апликации. Слично е и со Flex режимот, кој сега се идентификува во повеќе апликации, во смисла дека некои од нив како што се YouTube, WhatsApp и Camera подобро го користат полузатворениот телефон.
Финален впечаток
Откако поминавме петнаесетина дена со Fold4, заклучокот е дека Samsung постигнал напредок во клучните области во кои Fold3 заостануваше зад водечките премиум модели. Квалитетот на камерата е подобрен, особено во услови на слаба осветленост. Софтверот ја доби својата неопходна оптимизација на апликациите, а надворешниот екран доби ширина што го подобрува пишувањето пораки за ниво повисоко отколку на Fold3. Областите каде Fold4 останува на нивото на неговиот претходник се квалитетот на екранот при силно сонце, автономијата и брзината на полнење на батеријата.
Samsung Galaxy Z Fold4 не е совршен телефон, но не е наменет ниту да биде. Како и Flip4, Fold4 не е за секого. Она што сè уште е забележливо е дека нема многу вакви уреди кај нас и дека се уште привлекуваат внимание каде и да ги покажете и да пробате да направите нешто со нив, многу повеќе од, на пример користењето на iPhone 13 и Galaxy S22 уредите.
Серијата Fold сè уште е демонстрација на патеката, по која неизбежно ќе мора да тргнат сите производители, а флексибилните смартфони секоја година стануваат се подобри во секој поглед. Fold доби подобри камери и нешто поширок надворешен екран, а се надеваме дека Fold5 ќе има батерија со сериозен капацитет и брзо полнење. Samsung Galaxy Z Fold4 е достапен за купување во Македонија по препорачана цена од 107.999 денари.
Samsung Galaxy Z Fold4 – ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Екрани | Надворешен: 6,2″ Dynamic AMOLED 2X (904 x 2.316, 23:9), 120 Hz
Внатрешен: 7,6″ Dynamic AMOLED 2X (1.812 x 2.176, 10.8:9, ~373 PPI), 120 Hz |
---|---|
Чип | Snapdragon 8+ Gen 1 (8 јадра) |
RAM / Простор за складирање | 12 GB RAM/256 GB – 12 GB RAM/512 GB – 12 GB RAM/1 TB |
Задни камери | 50 MP главна (f/1.8, Dual Pixel PDAF, OIS) + 12 MP ултраширока (f/2.2) + 10 MP телефото (f/2.4, 3X) |
Предна камера | Надворешна: 10 MP, f/2.4 Внатрешна: 4 MP, f/1.8 |
Конекции | GSM / HSPA / 5G / LTE / Wi-Fi 802,11 / Bluetooth 5.2 |
Батерија | 4.400 mAh (незаменлива) / 25 W полнење |
Влез за слушалки | Не |
Вид на USB конектор | USB-C |
Димензии и тежина | Склопен: 155.1 x 67.1 x 14.2-15.8 мм / 204 гр Расклопен: 155.1 x 130.1 x 6.3 мм / 204 гр |
Оперативен систем | Android 12, One UI 4.1.1 |
Цена | 107.990 денари |