Европскиот парламент денес усвои нови правила кои се однесуваат на воведување стандарден полнач за мали електронски уреди како смартфони и таблети.
Новиот закон на сила ќе стапи од есен 2024 година, така што USB-C ќе биде стандарден конектор за полнење смартфони, таблети, тастатура, компјутерско глувче, GPS уреди, дигитални камери, слушалки, рачни конзоли, преносни звучници и слично. Од 2026 година USB-C ќе стане норма и во случај на полначи за лаптоп компјутери.
Законот е усвоен со мнозинство од гласовите, 602 гласа „за“, 13 „против“ и 8 „воздржани“.
„Со ова едноставно решение секоја година ќе се заштеди на илјадници тони електронски отпад, ќе се олесни продолжувањето на употреба на стара електроника, ќе се унапреди искуството на потрошувачите и ќе се намалат непотребните трошоци“, изјави пратеникот Алекс Агиус Салиба од Малта.
Изрази надеж дека ЕУ ќе биде пример за остатокот од светот.
Универзалниот полнач не е само добар за околината, туку и за паричникот на потрошувачите, тврди извршната потпретседателка на Европската комисија Маргарет Вестагер.
„На овој начин ќе заштедиме најмалку 250 милиони евра годишно“, смета таа.
Полначите создаваат меѓу 11.000 и 13.000 тони електронски отпад секоја година, покажаа податоците на Европската комисија.
Сега, конечно одобрение треба да дадат владите на земјите, а тоа се очекува во текот на состанокот на Советот за животна средина закажан за 24 октомври. Потоа законот ќе стапи во сила, а земјите од ЕУ имаат рок од 6 месеци да го пренесат во националните закони.