Во Европскиот парламент е усвоена резолуција, која повикува блокчејн технологијата да се искористи за подобра наплата на даноци, како и членките на ЕУ да се договорат за оданочување на криптовалутите
Европратениците се вратија од одмор и решија да се занимаваат со технолошката страна на развојот на Европската унија. Истиот ден, кога по неколкугодишни планови беше усвоена директивата за еден полнач за преносни електронски уреди, во Европскиот парламент беше прифатена и резолуција за крипто-имот и блокчејн. Иако се работи за необврзувачки документ, тој ја покажува насоката во која размислуваат мнозинството европратеници – дека треба да се воведе поедноставен, но координиран данок на крипто-средствата.
Единствен данок на крипто-имот
Во резолуцијата се наведува дека тргувањето со криптовалути треба да биде предмет на оданочување, но дека тоа би требало да биде фер, транспарентно и ефикасно. Се повикуваат властите да смислат начини да се воведе данокот, но да го поедностават процесот на оданочување за оние кои повремено се занимаваат со криптовалути или се во категоријата мали трговци со мали трансакции.
Европскиот парламент со ова ја повикува Комисијата да размисли како може да се воведе таков данок, а да биде координиран меѓу сите земји-членки на Европската унија. Истовремено, потребно е попрецизно да се дефинираат крипто-средствата и даночните настани, се наведува во резолуцијата. Се предлага второто да биде само конверзија на криптовалути во фиат пари (како што тоа беше воведено во Словенија). Исто така, важно е да се создадат јасни правила за прекугранични трансакции со крипто-средства и да се одреди каде во тој случај ќе се плати данокот.
MEPs call for using blockchain to fight tax evasion and an end to crypto asset non-taxation – Press release on resolution just adopted in plenary https://t.co/zjX86SIKBj
— ECON Committee Press (@EP_Economics) October 4, 2022
Блокчејн за наплата на даноци
ЕП во оваа резолуција ја повикува Комисијата да усвои нови правила кога станува збор за собирање даночни приходи, а за овие цели може да се искористи блокчејн технологијата. Неговите уникатни способности би можеле да ја олеснат автоматизацијата на наплатата на даноците, да ја зголемат транспарентноста, да ја намалат можноста за корупција и подобро да ја одредат сопственоста на различни материјални и нематеријални добра, се со цел поефикасно собирање и намалување на даночната евазија.
Најдобрите практики во користењето на блокчејн и другите современи технологии треба да бидат искористени и за подобрување на аналитичките способности на даночните власти, а секоја држава-членка треба би требало да работи со својата даночна администрација на дигитализација и модернизација, се предлага во резолуцијата.