Руски космонаут првпат по 20 години полета во вселената од американското тло – од Кејп Канаверал на Флорида до Меѓународната вселенска станица, заедно со уште тројца астронаути, двајца американски и еден јапонски, без разлика на големите тензии поради војната во Украина.
Поради ураганот Иан, летот на ракетата SpaceX со оваа посада беше одложен. Ураганот ја зафати Флорида, земајќи 75 жртви и оставајќи зад себе голема материјална штета.
– Се надевам дека со ова полетување ќе го разведриме небото над Флорида за секого, изјави јапонскиот астронаут Коичи Ваката, на кого ова му е петти пат да оди во вселената.
Со него во петмесечната мисија заминуваат американската потполковничка Никол Мен, американскиот капетан Џош Касада и руската космонаутка Ана Кикина.
Никол Мен е првата претставничка на домородно американско племе во вселената.
Мисијата Space-X треба да пристигне на Меѓународната вселенска станица 29 часа по полетувањето. Таа таму ќе ја замени американско-италијанската посада, која е на станицата од април.
Ана Кикина од Руската вселенска агенција полетува како замена на американскиот астронаут на НАСА, Френк Рубио, кој пред две седмици отиде во вселената со руската ракета Союз од космодромот Бајконур во Казахстан.
Националните вселенски агенции летово се договорија за замената со цел да се обезбеди континуирано американско и руско присуство на Меѓународната вселенска станица што орбитира на 420 километри над Земјата.
Договор е постигнат и покрај глобалните тензии околу руската инвазија на Украина.
Следната замена на посадата на станицата се очекува напролет во 2023 година.