Во петок на полноќ во Клубот Јагода, ова по многу нешта необично дуо ќе го одржи за прв пат својот концерт во Битола.
Ниплпипл (Nipplepeople) од Загреб, Хрватска е еден од најпопуларните електро – поп бендови во регионот. Мистериозното дуо, кое на сцената настапува маскирано во ретро – футуристички костуми, веќе десетина години егзистира на сцената. Вистински куриозитет е што досега имаат дадено само неколку интервјуа за медиуми, а во едното од нив одговориле само со музички броеви. Преферираат публиката превенствено да ја прими нивната музика и сценски перформанс, наместо да говорат за својата музика, која одлично кокетира и со трип – хопот. Нивната песна „Фрка” е апсолутен хит во последниве години. Уникатниот сценски настап е нивно главно обележје, а битолската публика за прв пат ќе има можност да ги види во живо.
Nipplepeople пред пар години кренаа „фрка“ и покажаа како тоа се прави електронска музика.
Инспирирани од песната на легендарната Зденка Ковачичек отпеана во 80-те, ова дуо му даде нов живот на ретросинглот Фрка.
Оваа нумера која беше пред времето и во далечната 1981, ја красеше еден за тогаш исклучително провокативен текст напишан од сега веќе починатата актерка и поетеса Славица Марас. Текстот често пати бил причина да се коригираат изведбите.
Внимавајте, автор на музиката е македонскиот композитор Кире Митрев, по потекло битолчанец и водач на тогаш популарната група КИМ.
Го нарекуваа белградски Македонец, бидејќи многу години од животот поминал таму. Има и свој стаж на музичката академија во Беркли, САД. Тој е еден маестрален џез тромбонист, секогаш баран session музичар и лидер на амбициозно поставениот џез фанк состав КИМ, со кој снимил две многу квалитетни плочи, додека белградската естрада го форсирала развиканиот и комерцијален Оливер Мандиќ.
Петок, на полноќ во Клубот Јагода, ова по многу нешта необично дуо ќе го одржи за прв пат својот концерт во Битола.