Иако сме навикнати социјалните мрежи да го копираат TikTok, сега оваа платформа го копира Instagram.
Станува збор за нов режим наречен Photo Mode, кој им овозможува на корисниците на TikTok да споделуваат повеќе фотографии во една објава, а исто така бројот на карактери за описот е зголемен на 2.200.
Новите објави на фотографии, кои може да содржат и музика, ќе се појават на For You страницата покрај клиповите. Од TikTok истакнаа дека се надеваат дека режимот на фотографија, во комбинација со зголемениот број на карактери, ќе им овозможи на креаторите „да се изразат себеси и подлабоко да се поврзат со другите“.
Но, Photo Mode ја прави и страницата For You повеќе слична на Instagram на начин што не е баш креативен. Креаторите веќе ја користат оваа функција за споделување „рециклирани“ текстуални мемиња и други содржини кои често се популарни на самиот Instagram.
Фактот дека TikTok сега ја копира оригиналната функционалност на Instagram е особено интересен бидејќи Instagram е тој што се бори со ангажман во случајот на својот клон TikTok, а тоа е Reels. The Wall Street Journal неодамна објави дека TikTok е далеку пред Instagram Reels во дневната гледаност.