Новите телевизори имаат се подобар и поквалитетен приказ на сликата, па може да се случи кај моделите со големи дијагонали да се измешаат реалниот свет и околината со она што го прикажува ТВ уредот. Со еден збор, квалитетот на сликата го одзема здивот.
MicroLED технологијата е следната генерација на екрани со сопствена емисија на светлина, која доаѓа по OLED моделите. Пред четири години, на саемот за потрошувачка електроника CES 2018, Samsung ја претстави првата генерација на овие екрани, чиј основен квалитет лежи во тоа што секој поединечен пиксел располага со диода која самостојно емитува светлина, што значително го подобрува квалитетот на приказот на сликата и овозможува подобри агли на гледање, подобро осветлување и поголем сооднос на контраст.
Samsung започна со производство на MicroLED модели на телевизори со дијагонала од 89 инчи, што воедно е и првпат да се користи LTPS TFT стаклеста база наместо печатени плочи, со цел да ги намали трошоците на изработка и да го подобри квалитетот на производството. Samsung планира подоцна да претстави и модели со уште поголеми екрани од 101 и 114 инчи.
Првобитните планови на компанијата Samsung предвидуваа почеток на комерцијализација на MicroLED моделите со екрани од 89 и 101 инчи, но недостигот на делови и материјали во комбинација со одредени проблеми во производството, засега ги ограничи MicroLED TV моделите на екрани со дијагонала од 89 инчи.
Цената на еден ваков телевизор се уште не е позната. Samsung пред извесно време спомена цена од дури 80.000 долари, што е помалку од првобитната цена пред четири години, но секако и натаму е превисока за уред како паметен телевизор.
Во основа, започна ерата на комерцијализација и масовно производство на MicroLED телевизори. Најпрвин тоа ќе биде модел со екран од 89 инчи, а малку подоцна ќе следат оние со поголеми екрани од 101 и 114 инчи. Сите три модели користат LED чипови од големина 34×85 микрометри, производ на компанијата PlayNitride од Тајван, што се воедно и најмалите активни елементи и компоненти кои Samsung досега ги користел на своите екрани!