Компјутер и подобра иднина за секое дете – мисијата на супер херојот Борче Стаменов и тимот позади „Донирај компјутер“
За 38-годишната самохрана мајка Мими Стојановска нејзините два сина се целиот свет, и како и секој родител гледа да го им го пружи најдоброто. Во изминатите неколку години, вложувањето во доградбата на својата куќа се покажа како огромен финансиси товар за Стојановска, па така 9-тиот роденден на нејзиниот постар син оваа година беше скромно одбележан.
„За недела полни девет години и ме сфати дека и оваа година немам за ништо екстра од кров и храна. Но, желбите на мајката некогаш се поголеми од детските,“ раскажува Стојановска.
Желбите на нејзиниот син пак беа да добие компјутер. Обезбедувајќи куќиште, на Стојановска и преостана да најде начин да ја обезбеди останатата опрема – и тука на помош се појави иницијативата на ИТ специјалистот Борче Стаменов, „Донирај компјутер“. За една недела Стаменов успеа да го обезбеди сета онаа опрема што и недостигаш на Стојановска и да ја оствари желбата на нејзиниот син.
Случајот со Стојановска е само еден од многуте случаи на кои „Донирај компјутер“ им помага на дневна база. Основанa пред седум години, иницијативата досега резултираше со повеќе од 1,700 донирани компјутери на деца и семејства ширум Македонија.
„Иницијатива е скромен збор за ова што го прави Борче, ова е повеќе еден проект кој што буквално ги надмина сите очекувања. Доколку сите вакви проекти би биле успешни и би си ја бркале работата како што тоа го прави “Донирај компјутер“ мислам дека не би имале проблем во ниедна општествена сфера и пристап до било што, бидејќи постојат мал милион иницијативи меѓутоа прашањето е колку истите функционираат“, објаснува Стојановска.
Проблематичната дигитална инклузија и се поголемиот број на случаи со деца кои немаат пристап до компјутери особено се почувствува за време на КОВИД-19 пандемијата и потребата за онлајн настава.
Статистиката тогаш покажа дека секој седми ученик нема пристап до електронски уред, односно компјутер, смартфон или пак таблет, со што се дојде до бројката од околу 40,000 ученици кои во тој момент неа беа во можност да ја следат таквата настава.
Токму оваа бројка е и целта на Стаменов и „Донирај компјутер“, проект за кој 44-годишниот кавадарчанец идејата ја добил за време на неговиот ангажман во една локална ИТ компанија во Кавадарци.
„Во компанијава каде што сум, ми беше трета среќа: трето вработување, и тоа во интернет клубот „Бидат“. Од таму започнува и мојата приказна. По кратко работење таму ме префрлија на денешното работно место, во фирмата „Бидат Информатика”, на позиција “сервисер на компјутери и фискални апарати”. Некаде во тој период одлучив да се запишам на факултет, но поради туморот кој ми го пронајдоа никогаш не го завршив. Болеста со која ненадејно се соочив ме стопираше во многу планови и ми требаше доста време да се вратам во колосек од шокот и стресот предизвикани од истата,“ раскажува Стаменов.
Како што вели тој, идејата за „Донирај компјутер“ се појавила во 2016 година.
„Во фирмата честопати клиентите оставаа компјутери кои веќе не ги користат. Фирмите кои ја обновуваат опремата исто така оставаат тоа што не им е потребно. Во тоа, видов шанса која може да се искористи за да се подобри животот на оние кои, ете, немале толку среќа. Почнав да донирам откако една самохрана мајка му се обрати за помош, сама жена со две деца. И тие како и секое дете посакувале да имаат дома компјутер, а условите во кои растеа едноставно тоа не им го дозволуваа. Тоа е првата донација. Следен чекор, но и предизвик беше да се разгласи дека такво нешто постои.” објаснува Стаменов.
Наједноставниот и најефикасен начин за тоа во тој момент биле социјалните мрежи, па Стаменов го искористил Фејсбук како алатка за ширење на зборот за “Дониар компјутер“ преку отворање на фан страна за проектот.
„Благодарение на споделувањата од страна на моите пријатели, за кратко време страната доби солидна посетеност. Веќе во првите месеци имаше околу 50 барања за донации преку разни канали. Некои се јавуваат лично, дел од нив преку роднини“, раскажува тој.
Денес пак, според Стаменов „Донирај компјутер“ е систем од илјадници делови, совршена машина која работи на добра воља и желба да се помогне, и е дел од процесот на креирање на паметни градови, оној дел кој ги вклучува сите единки во процесот на дигитална инклузија.
„Ова е многу битно да се каже, проектите се привремена и финансирана работа, ние не сме привремени и сме волонтери, кои си ја разбрале улогата во ова општество. Сакаме да оставиме белег дека никогаш не треба да се чека од државата, дека некои групи на луѓе го немаат тој луксуз да чекаат особено кога се работи за квалитетно образование за децата. Секоја донација на компјутер ние ја гледаме како уште едно семејство кое нема да заврши со апликација за социјална помош кога детето во него ќе порасне, туку ќе биде продуктивно семејство, семејство кое ќе придонесува во државата, наместо да се бори да приживее. Заради тоа се што сме создале било со намера да се зголеми бројот на донации, и тука успеваме,“ потенцира Стаменов.
Од 1,872 донирани компјутери досега излегуваат секакви приказни, со тоа што некаде се поправила финансиската состојба па самите луѓе се јавуваат за да го вратат компјутерот за следното дете коешто ќе има потреба од него.
Некаде пак, родителот се стекнал со вештина токму на тој компјутер па се вработил, а во други случаи едноставно се работи за радоста на децата и семејствата кога ќе добијат компјутер.
А сведоштва за тоа како проектот и донациите им помогнале на оние кои имале потреба од истите има многу, меѓу кои има деца, но и повозрасни личности на кои им помогнал овој проект. За еден таков случај сведочи Стојанче Трајков, кој самиот побарал донација од Стаменов.
„Пред некаде отприлика година ипол побарав лаптоп за девојката на брат ми, и требаше за на факултет. Епа таа сега дипломира, и ќе работи со деца со посебни потреби. Борче фала од срце, да си жив и здрав!“, вели Трајков.
Понатаму, тука е примерот на една 30-годишна самохрана мајка од Битола, која добиената донација од “Донирај компјутер“ ја искористила за да почне да следи курсеви за графички дизајн и да добие нови вештини, раскажува Стаменов.
Недостигот од институционална поддршка не ги спречува Борче и “Донирај компјутер“
Кога станува за поддршката од страна на македонските државни институции за она што што прават Стаменов и „Донирај компјутер“, во моментов таа затајува.
“Побаравме да откупиме возило или да се пријавиме за донација на возило од Агенцијата за одземање на имот, не добивме никаков одговор, аплициравме за проекти во ФИТР, добивме повратен одговор дека не сме доволни иновативни, што е така, но просто сметавме дека може да се направи исклучок кога има суштинска општествена одговорност во прашање, особено во делот со дигиталната инклузија. Не се откажуваме од ништо и од никого. Градиме доверба и репутација на чесност и солидарност, соработката ќе дојде со сите“, нагласува Стаменов.
Од македонското Министерство за образование и наука (МОН) добивме краток коментар околу тоа како тие гледаат на ваквите иницијативи во поглед на процесите на дигитализација, но без конкретен одговор дали и тие самите би станале дел или поддржале некој ваков проект.
„МОН се заложува за опремување на училиштата со современа ИТ технологија и за дигитализација на учебниците и наставните материјали, а од особена важност за забрзување на овој процес е поддршката од локалните самоуправи, бизнис секторот и граѓанските организации чии активности се секако за поздравување,“ велат од министерстовото.
Кога се работи пак за соработката со приватниот сектор во поглед на развивањето на проектот, интересот е многу поголем, вели Стаменов.
„Досега формиравме неколку стратешки партнерства со компании како што се Нептун (кои ни помагаат со собирање на донациите и нивно доставување до нивната продавница во Кавадарци, од каде ги превземаме со нашето возило, кое го купивме со собирање на донации), Еко логистик (кои вршат достава на компјутерите до семејствата на нивна домашна адреса), Бидат Информатика (кои ни се првите и најстарите поддржувачи и чии простории сега се работилница и магацин на Донирај компјутер), Алгоритам приватното средно училиште (кои ни ја направија веб страната и кои беа вторите наши поддржувачи кои ни изразија доверба кога сеуште постоеше сомнеж во нашата средина за хуманитарни организации и нивната чесност), Бреинстер со кои сме во активна соработка и ни направија стратегија за комуникација и од каде ни се приклучија дизајнери кои се веќе дел од тимот. Поддршка ни се АМСМ, Дади компани и Европа гуми кои се грижат за нашите возила, бидејќи нашите обврски се низ целата земја,“ вели Стаменов.
Несебичноста и посветеноста на тимот позади „Донирај компјутер“
„Донирај компјутер“ во моментот има два тима: основниот тим кој се состои од 10 лица се волонтери меѓу кои има експерти од различни професии. Едниот тим работи логистика, собирање, дијагностика и поправање, достави, проверка на пријави за донации, и тоа е главниот тим кој се наоѓа во Кавадарци, додека пак вториот тим со седиште во Скопје се занимава со комуникација и собирање на донации, апликација за проекти и ги води социјалните медиуми.
„Сега последно соработувавме со Горан Бабушку, инжинер Македонец кој живее и работи во Австралија со кој ја видовме големата слика на еден паметен град и нашето место во него. Горан не менторира, исто така врз база на добра волја и желба да се помогне, на некој начин ги решаваме проблемите во сегашноста во која живееме но сепак знаеме каде одиме и каде ќе треба да стигнеме во иднина. Бројот на практиканти порасна, исто како бројот и на волонтери. Денес примивме уште еден млад дизајнер во тимот, уште не сме ја виделе лице в лице, а веќе доби две задачи,“ вели Стаменов.
Следните планови на „Донирај компјутер“ вклучуваат и отворање на тренинг центри, работилници и компјутерски лаборатории каде што и стари и млади ќе се обучуваат за работа на компјутер низ цела Македонија.
„Ни требаа 6 години да стигнеме до 1,700 компјутера, а има уште 38,000 што чекаат. Прво тоа ќе го завршиме, развивавме стратегии за самоодржливост за да преживееме и сами да можеме да продолжиме со нашата мисија. Регионално ќе ги шириме нашите искуства и начин на работа, за да се прошири насекаде каде што може, а верувам дека ќе се рашири,“ вели Стаменов.
Додека во денешно време речиси сите професии подразбираат познавање на работа со компјутери, крајната цел кон која што се стреми “Донирај компјутер“ е да донесе дигитална инклузија за сите деца во земјата, и засега е на добар пат да ја оствари таа цел.
„Замислете сега 40,000 деца кои беа во опасност никогаш да не научат да работат со компјутер, каде ќе завршат утре тие деца, со какво вработување? Со колкави приходи? А тие, токму тие исти деца, со малку помош можат да бидат продуктивни граѓани, да учествуваат и да создаваат за државата а не да чекаат од неа социјална помош, е тоа е нашиот придонес во ова општество: борбата за еднаков квалитет на образование за сите деца подеднакви, и борбата за дигитална инклузија, бидејќи сите полека но сигурно стануваме дел од дигитално општество, тоа е иднината, и ние сакаме сите подеднакво да учествуваат во неа,“ заклучува Стаменов.