Трите модели на лаптопи, кои Google ги разви во соработка со партнерите, се наменети за играње во облак.
Chromebook компјутерите првенствено се наменети на образовниот сектор, односно учениците и студентите кои на нив можат да извршуваат основни компјутерски операции, а не мораат скапо да ги платат. Бидејќи овие компјутери најчесто ги покренува послаб хардвер, јасно е дека не се наменети за играње видео-игри.
Токму затоа, на многумина може да им изгледа прилично изненадувачка информацијата дека Google во соработка со партнерите претстави три модели на Chromebook, кои се наменети за гејминг. Но, трите нови компјутери не се моќни гејмерски машини кои ќе можат да ги покренуваат најмоќните игри, туку се направени за играње во облак, односно да ги поддржуваат популарните cloud гејминг услуги.
За играње на такви игри воопшто не е потребен моќен хардвер, бидејќи целосно процесорските и графички операции не се одвиваат на самите компјутери, туку на оддалечени сервери, односно во облак и се стримуваат на компјутерите. За да играте, потребна ви е само интернет конекција и се разбира, претплата на услуги за игри.
Acer Chromebook 516 GE, Asus Chromebook Vibe CX55 Flip и Lenovo Ideapad Gaming Chromebook доаѓаат со прединсталираниот сервис GeForce Now на Nvidia и со поддршка за услугата Xbox Cloud Gaming на Microsoft и услугата Luna на Amazon. Компјутерите доаѓаат и со продавницата за апликацииGoogle Play од која може да се играат и игри. Сите лаптоп модели имаат екрани со висока резолуција и стапка на освежување од 120 Hz, гејмерски тастатури и поддршка за WiFi 6. Што се однесува до хардверот, достапни се неколку опции – од Intel Core i3 процесори, па дури до Core i7, со цени почнувајќи од 600 долари па нагоре.
Покрај производителите на компјутери, Google соработува и со производителите на периферни уреди за да се осигура дека додатоците за игри се компатибилни со нивните компјутери.