Поради климата во наредниот период многу почести ќе бидат екстремните суши како онаа што летово ја погоди северната хемисфера.
Недостаток на вода, силни пожари, најголемата суша во последните 50 години и лошите приноси се само дел од последиците на најжешкото европско лето во запишаната историја, кое покрај рекордно високите температури, се карактеризираше и со недостаток од врнежи. Европа не беше сама во оваа катастрофа – Северна Америка се соочи со најсушните услови во последните 1.200 години, а нивото на водата во најдолгата река во Кина, Јангце, достигна најниско ниво од 1865 година.
Меѓународен истражувачки тим сега пресмета дека сушата што годинава ја погоди северната хемисфера е со најмалку 20 пати поголема веројатност поради климатските промени. Имено, да не се загрееше планетава, ваков екстремен настан би се случил еднаш на 400 години, додека со денешната променета клима може да се очекува еднаш на 20 години.
Сепак, како што истакнаа авторите на пресметките од глобалниот истражувачки конгломерат World Weather Attribution, бројките не се дефинитивни како што обично се случува со набљудувањата кои тешко се квантифицираат. Истражувачите се фокусираа на земјоделската и еколошката суша поврзана со влажноста на почвата. Тие ја проучувале содржината на вода во површинскиот слој на почвата, на длабочина до 7 сантиметри, како и во зоната на корените, на длабочина до 1 метар – што е особено важно бидејќи таму растенијата најмногу ја црпат влага.
Истражувајќи ја улогата на климатската криза во сушата што го опустоши северниот дел на планетата од јуни до август 2022 година, научниците заклучија дека поради климатските промени, најмалку пет пати поголема е веројатноста дека површинскиот слој на земјата ќе биде погоден со сушни услови, па дури дваесет пати е поверојатно дека истото ќе се случи и во зоните на корените.
Појавата на летни горештини, кои ги доживеавме летово, практично ќе беше невозможна доколку луѓето не предизвикаа климатски промени. Како што се наведува во трудот, главната причина за сушите се рекордно високите температури, додека промените во врнежите се помалку важен фактор. Сушата потресе многу сектори ширум светот – од снабдување со вода преку снабдување со храна до снабдување со електрична енергија.
Сепак, ова лето е само вовед во она што нè очекува во случај човештвото да не ги ограничи емисиите на стакленички гасови и навремено да ги замени фосилните горива со обновливи извори – експертите зад новото истражување процениле дека сушите на северната хемисфера на Земјата ќе биде меѓу 15 и 30 пати почести ако зголемувањето на просечната глобална температура надмине 2°C во споредба со прединдустрискиот период. Светот досега се загреал за околу 1,2°C.