По најавата за забрана за извоз на технологија за современите системи и вештачка интелигенција, новата рунда американски рестрикции предизвика масовни отпуштања на нивните граѓани кои работат во Кина.
Соединетите Американски Држави продолжуваат со политиката која има за цел да и наштети на кинеската економија, а пред се на индустријата за полупроводници. Нешто порано беа воведени ограничувања за чипови кои се извезуваат од САД во Кина, и тоа на начин да се ограничи моќта на овие чипови, за да не можат да се користат за суперкомпјутери или вештачка интелигенција – со кои САД сакаат да ја спречат нивната најнапредната технологија да заврши во рацете на кинеските (или руските) вооружени сили.
Или работа или државјанство
Новите правила објавени оваа недела, се уште построги. Тие им забрануваат на американските граѓани кои се постојани жители на Кина да учествуваат во развојот или производството на напредни чипови во кинеските фабрики. За секоја работа на напредните полупроводнички решенија, американските државјани ќе мораат да добијат посебна дозвола. Во спротивно, тие може дури и да го изгубат своето американско државјанство.
Ова е првпат трговските санкции да влијаат врз приватни лица. Досега беа таргетирани само владини организации или компании, па новиот потег ги шокираше кинеските производители. Преку ноќ, со помош на пенкало, стотици или илјадници американски професионалци вработени во индустријата за полупроводници станаа „илегални“ и беа принудени да избираат меѓу вработување и државјанство.
THREAD: The US government's new export controls are wreaking havoc on China's chip industry.
New rules around "US persons" are driving an "industry-wide decapitation."
— Jordan Schneider (@jordanschnyc) October 14, 2022
Од Кина веќе пристигнуваат информации дека нивната индустрија е „обезглавена преку ноќ“, дека овој потег може да има несогледливи последици за технолошката индустрија, не само во Кина, туку и во остатокот од светот. Покрај тоа, Кинезите сметаат дека нападот врз производителите на чипови ќе има и реперкусии врз нивната национална безбедност, а владеачките структури веќе ги обвинија САД дека се однесуваат „како во студената војна“. Преку океанот, пак, тврдат дека сето ова го прават за да ја заштитат сопствената безбедност и да ја ревитализираат домашната индустрија за производство на чипови.
Експертите велат дека овој потег не можел да дојде во полошо време за индустријата за чипови. Дури по бавното закрепнување од пандемијата, а потоа соочени со недостигот на чипови, купувачите на полупроводници сега би можеле да бидат во уште потешка ситуација, кога кинеските компании нема да можат да го испорачуваат она што е договорено – барем додека не ги добијат потребните дозволи .