Обновлива енергија од вселената – далечен сон или блиска реалност?
Европа еден ден би можела да се напојува од огромни соларни панели кои орбитираат околу планетата.
Звучи како научна фантастика, но Европската вселенска агенција (ESA) претстави токму таков план за собирање на сончевата енергија во вселената и нејзино испраќање назад на Земјата.
Неодамнешните студии на Агенцијата покажуваат дека концептот наречен Space Solar Energy е теоретски остварлив и може да го поддржи патот кон декарбонизација на енергетскиот сектор. Сепак, како што е наведено на веб-страницата на ESA, остануваат значителни несигурности и технички предизвици, а како одговор, ESA предлага програма за истражување и развој за созревање на концептот и неговите критични технологии – SOLARIS.
Крајната цел на оваа технологија, која се уште е во фаза на прелиминарно тестирање, е изградба на соларна вселенска фарма долга два километри, која произведува енергија колку една нуклеарна централа.
Фармата би плутала во вселената на околу 36.000 километри над Земјата.
„Таков проект ќе обезбеди Европа да стане клучен играч – и потенцијално лидер – во меѓународната трка кон скалабилни решенија за чиста енергија за ублажување на климатските промени“, се вели во соопштението на ESA, пишува Euronews.
Како ќе функционира оваа технологија?
Сончевата енергија е еден од најдобрите извори на чиста енергија, но во моментов е попречена од неколку ограничувања. Панелите можат да користат струја само во текот на денот, па дури и тогаш, голем дел од сончевата светлина се апсорбира од атмосферата на патот кон земјата.
Во вселената, сончевите зраци се десетпати поинтензивни отколку на Земјата.
ESA соработува со Airbus за да развие „безжичен пренос на енергија“ за да го фати овој 24-часовен извор на електрична енергија и да го пренесе до нас. Технологијата се заснова на преносот што ТВ и комуникациските сателити го користат секој ден, објаснува инженерот на Airbus Николас Шнајдер.
„Не сме далеку од 4G антени, освен што не сакаме да емитуваме во сите правци, всушност сакаме да бидеме многу прецизни како ласер“, вели тој.
Проблемот е во обемотт. Сателитот би морал да биде масивен, па би било тешко да се лансира и изгради. Но, со брзиот развој на технологијата, проектот би можел да биде реалност во наредните децении. ESA ќе разговара за проектот SOLARIS на состанокот во ноември. Сателитот би бил поправен од роботи додека е во орбитата, објаснува Гвенаел Аридон, раководителка на лабораторијата за роботика во Airbus компанијата за одбрана и вселенски работи. „Роботот ќе може да дојде и да го поправи панелот, да го симне и да стави нов ако е потребно. Ако роботските манипулатори би можеле повторно да ги движат рацете, тие ефективно би ги намалиле трошоците за операциите што се вршат“, вели таа.
Иако е логистички предизвик, како што енергетските кризи се менуваат и еволуираат, ова на крајот би можело да ја промени играта.
Еден сателит за соларна енергија од планираната скала би генерирал околу два гигавати енергија, што е еквивалент на конвенционална нуклеарна централа или шест милиони соларни панели на земјата. Добиената енергија може да напојува повеќе од милион домови.