Регулативата за пазарите на крипто-имот , позната и како MiCA, сè уште чека гласање во Европскиот парламент и земјите членки. Со неа ЕУ сака да го поттикне развојот на крипто-пазарот, но и да ги заштити потрошувачите од ризици.
Новата европска регулатива поврзана со крипто-имот и криптовалути се нарекува Уредба за пазарите на крипто-имот (Markets in Crypto-assets), или скратено MiCA. Целта на Европската унија е со новиот сет правила да воведе транспарентност, можност за надзор и да ја укине анонимноста на криптопазарите, што не им одговараше на многумина – сепак, европските институции се решени да ја воведат и да започнат со примена на регулативата.
Користењето на крипто-имот и технологијата која стои зад него, се покажаа како исклучително ветувачки, но и проблематични. За тоа се свесни во ЕУ, па велат дека сакаат да го поттикнат развојот на таквата технологија и нејзиното користење, но истовремено да ги заштитат потрошувачите од ризиците што ги носат криптовалутите. Крипто-имотот во моментов е надвор од опсегот на законодавството на ЕУ, а привлечен го прави непостоењето на централен регистар или институција, односно посредник при извршување на трансакциите. Со ова, според законодавците, се отвора простор за манипулации и големи ризици за крајниот корисник, односно загуба на пари.
Широката употреба на крипто-имот без прописи и закони може да доведе до дополнителна финансиска нестабилност, пазарна манипулација и финансиски криминал, се објаснува во описот на регулативата MiCA, која сè уште чека одобрување од Европскиот парламент и од секоја поединечна земја членка.
Заштита на потрошувачите
Со регулирање на крипто-пазарот, велат во ЕУ, би се обезбедила финансиска стабилност. Правилата ќе вклучуваат транспарентност, јавна достапност, овластување и надзор на трансакции. Членовите на Европскиот парламент бараат издавањето на некои токени (на пр. stablecoins) да биде надгледувано од Европскиот надзорен орган за хартии од вредност и пазари на капитал и Европското надзорно тело за банкарство.
Поради оваа причина, од издавачите на стабилни криптовалути ќе се бара да создадат доволно ликвидна резерва со сооднос од 1/1 и делумно во форма на депозити. Затоа, издавачот ќе мора да обезбеди минимална ликвидност на својата платформа за да не се повторат случаите на „колапс“ на stablecoin, како што беа видени неодамна. Покрај тоа, сите компании кои работат со крипто-имот ќе мораат подобро да ги информираат потрошувачите за ризиците, трошоците и надоместоците поврзани со нивните трансакции.
Спречување на криминал и оданочување
За да се спречи употребата на криптовалути за перење пари, финансирање тероризам и други криминални дејствија, Европскиот парламент и земјите членки во април годинава започнаа преговори во врска со можното следење на трансакциите и идентификација на корисниците. Прелиминарно беше споменато дека идентитетот на испраќачот и примачот ќе треба да се потврди за сите трансакции над 1.000 евра, освен во случаите кога се работи за трансакции од еден приватен дигитален паричник на друг.На почетокот на овој месец, во Европскиот парламент е прифатена и резолуција која повикува да се користи блокчејн технологијата за подобра наплата на даночните плаќања. Покрај тоа, европратениците предложија и воведување единствен европски данок на крипто-имот. Велат дека би требало да биде едноставен за спроведување, особено во случај на малите инвеститори кои повремено вложуваат во крипто-имот. Еден од предлозите е да се оданочува само претворањето на криптовалутите во фиат пари. Според тоа, оданочувањето треба да биде транспарентно и ефикасно, со поедноставен третман за малите трговци и малите трансакции.
MEPs from @EP_Economics voted to confirm w/ 28/1 provisional deal on markets in crypto assets #MICA @DrStefanBerger ahead of the final plenary vote
30 June deal details ⬇️⬇️🗒️https://t.co/zFPKaTxki9— ECON Committee Press (@EP_Economics) October 10, 2022
Заштита на околината
За оваа технологија се потребни големи количини електрична енергија, што резултира со штетно влијание врз животната средина. Се проценува дека потрошувачката на енергија на биткоини е еднаква на потрошувачката на енергија на мала земја. Со цел да се намали штетното влијание врз околината, претставниците на Европскиот парламент бараат од Комисијата нови правила за рударење на крипто-имот, со цел активностите кои придонесуваат за климатските промени да се сместат во системот за класификација за одржливи активности. Најпрво се говореше ќе биде забранет секој облик на крипто-имот, што се рудари по принципот на “proof of work”, но тој предлог беше одбиен.
Наместо тоа, сите учесници на пазарот на крипто-имот ќе треба да достават информации за нивниот еколошки и климатски отпечаток. Европската комисија во рок од две години ќе треба да поднесе извештај за влијанието на крипто-имотот врз животната средина и воведување на задолжителни минимални стандарди за одржливост, вклучително и “proof of work”, па за него ќе се одлучува дури тогаш.