Корисниците на Windows 11 можат да ја преземат надградбата, што ќе им ја донесе една од најголемите промени во начинот на управување со фајловите што овој оперативен систем некогаш ги има имплементирано.
Минатиот месец Windows 11 „скокна“ на нова верзија со големиот годишен пакет за ажурирање Windows 11 2022 Update. Тој донесе одредени иновации во безбедноста, интерфејсот и можностите, но не воведе веднаш една долгонајавувана промена – табови во File Explorer. На овој додаток очигледно му требаше малку повеќе доработка, па беше најавено дека ќе се активира во текот на октомври. Сè што беше кажано е и направено: Windows 11 доби мало редовно ажурирање на KB5019509, кое го активира овој додаток.
Интуитивно искуство
Табовите во Windows 11 значи дека повеќе нема да мора да отворате посебен прозорец за преглед на секој посакуван фолдер – наместо тоа, во истиот прозорец, како и во секој интернет прелистувач, ќе отворате нови табови, па во нив ќе ја прегледувате структурата на фолдерот и документите. Ова е најголемата промена во прозорците на File Explorer откако постои додатокот во оваа форма, и секако дека на многумина ќе им ја олесни секојдневната работа.
Преминот од еден фолдер во друг ќе биде малку полесен, работата со документи ќе биде попрегледна и попријатна, а интуитивната способност за копирање или пренесување документи (drag-and-drop) помеѓу табовите во истиот прозорец би можела да стане многу добро прифатена.
Додаден е и делот Favorites, каде што можете лесно да поставувате често користени документи и фолдери и да им пристапите преку кратенката Home во File Explorer, додека нешто подлабоко ќе биде интегриран и OneDrive.
Паметни предлози
Другиот поголем додаток со ова ажурирање е функцијата што Microsoft ја нарекува Suggested Actions. Предлозите се активности какви што досега видовме кај мобилните оперативни системи. Кога Windows ќе забележи дека сте означиле датум, е-пошта, телефонски број или нешто слично во нивниот интерфејс, во мал скокачки прозорец веднаш ќе ви предложи да се јавите на бројот, да испратите порака на адресата или да закажете состанок за означениот датум.
Апликацијата за преглед на фотографии добива поддршка за iCloud на Apple, Taskbar ќе може да биде домаќин на нешто повеќе апликации, а со десен клик на него ќе се отвори мени во кое ќе може да се стартува Task Manager – кој според Microsoft e многу барана функција. Сето ова ќе им биде достапно на сите корисници на Windows 11, во верзијата од минатиот месец, веднаш штом ќе ја преземат најновата надградба од Windows Update.