Apple вчера, покрај трите нови таблет уреди, ја претстави и надградената верзија на Apple TV 4K. Новиот модел пристигнува со побрз процесор, подобрена поддршка за HDR и нуди подобра поврзаност.
Новиот Apple TV 4K го покренува A15 Bionic чипот. Иако бројот на јадра и брзината на часовникот на овој чип не се наведени, американската компанија тврди дека тој има 50% побрз процесор и 30 проценти побрз графички процесор во споредба со A12 Bionic, кој се наоѓа во неговиот претходник.
Новиот модел пристигнува со поддршка за HDR10+ покрај постоечките формати Dolby Vision, HDR10 и HLG. Иако HDR10+ е во голема мера сличен на Dolby Vision во однос на спецификациите, тој е значително помалку популарен, а единствената голема услуга што нуди HDR10+ содржина е Amazon Prime Video. Сепак, можно е Apple да планира да понуди своја содржина во HDR10+ заедно со другите формати. Ова се должи и на фактот што неколку производители на паметни телефони, првенствено Samsung, не поддржуваат Dolby Vision туку HDR10+. Samsung е особено важен, затоа што не само што е најголемиот производител на телевизори, туку е и креатор на стандардот HDR10+ и затоа веројатно нема да поддржи Dolby Vision наскоро.
Новиот Apple TV 4K ќе биде достапен во две варијанти. Варијантата од 64GB вклучувa Wi-Fi 6 конекција, додека новата варијанта од 128 GB нуди и Gigabit Ethernet, заедно со поддршка за мрежниот протокол Thread mesh за контрола на компатибилни паметни домашни уреди.
Apple TV ќе биде достапен за купување од 4 ноември 2022 година. Моделот со 64 GB чини 129 долари, додека моделот со 128 GB со Ethernet чини 149 долари. Стариот HD модел е укинат.