Со користење на само еден ласерски извор на светлина и еден оптички чип, научниците успеаја да остварат пренос на податоци двојно поголем од вкупниот интернет сообраќај во светот
Научниците од Техничкиот универзитет во Данска и Универзитетот за технологија Чалмерс во Гетеборг постигнаа рекорден експериментален резултат во пренос на податоци со оптички кабел. Како први во светот, пренесоа повеќе од 1 петабит (1 милион гигабити) податоци во секунда, користејќи само еден ласерски извор на светлина и еден оптички чип.
Нивниот рекорд во брзина на пренос на податоци на крајот достигна дури 1,84 петабити податоци во секунда, што е двојно повеќе од вкупниот интернет сообраќај во светот. Податоците беа пренесени на растојание од 7,9 километри.
Фреквенциски чешел
Своето достигнување го опишуваат како систем со единствен, посебно изработен оптички чип. Тој може да искористи еден извор на светлина, инфрацрвен ласер, за да го „рашири“ во целиот спектар на бои, односно различни фреквенции. Со тоа иницијално една фреквенција на светлина се дели на стотици од нив, што овозможува и висок пропусен опсег при преносот на податоци.
Секоја од фреквенциите е на идентично растојание од следната, што дава т.н. „фреквентен чешел“. Тоа овозможува да се изолира секој опсег на фреквенција и да се запишуваат податоци во сигналот. Кодираното светлина потоа се комбинира и се испраќа во оптички кабел, а она што ја издвојува оваа иновација од досегашните е токму фактот што создадениот „фреквентен чешел“ има идеални карактеристики за пренос на податоци со оптички кабел. На постоечките технологии за иста пропусност би им биле потребни од илјада ласерски извори.
Истражувачите признаваат дека не ги планирале сите карактеристики на чипот за оваа намена, туку дека некои настанале и случајно. Сепак, успеале да го истражат процесот и да постигнат уште подобри карактеристики со обратно инженерство, за да може чипот да се користи во телекомуникациите. Сега нивните проекции покажуваат дека технологијата има голема можност за скалирање.
Изводливо и до 100 Pb/s
“Според нашите пресметки, само еден таков чип, произведен на Универзитетот Чалмерс и само еден ласер, може да пренесат до 100 петабити во секунда“, велат авторите на оваа иновација. „Причината за тоа е што технологијата е скалабилна, како во смисла на креираее повеќе фреквенции, така и во делењето на овие фреквенциски чешли на многу просторни копии, кои потоа оптички се засилуваат и се користат како паралелни извори во кои може да се пренесуваат податоците“.
Покрај огромните брзини на пренос на податоци, ова решение има потенцијал значително да ја намали потрошувачката на енергија за тоа. Ако стотици или илјадници ласери, кои трошат енергија и генерираат големи количества топлина, се заменат со само еден, тогаш климатскиот отпечаток на целиот интернет може да се намали. Ова ќе биде особено изводливо ако успеат напорите на овие, но и на други научници во светот, да ги интегрираат самите извори на ласерска светлина директно во оптички чипови кои содржат податочни модулатори, засилувачи на сигнали и други неопходни компоненти за да се создаде „фреквенциски чешел“.