Научниците развија безжичен имплант кој може да се бори против ракот на мозокот со загревање на наночестички.
Истражувачите од Универзитетот Стенфорд развија безжичен уред кој може да им помогне на пациентите со рак на мозокот и да ја зголеми стапката на преживување. Кога ќе се имплантира помеѓу кожата и черепот, далечински активираниот уред ги загрева наночестичките на злато за да го убие ракот одвнатре.
Глиобластомот е агресивен облик на рак со стапка на преживување од само 5 проценти по пет години. Обично се третира со хируршко отстранување на туморот, проследено со зрачење или хемотерапија за да се отстранат сите преостанати клетки. За жал, ракот често се враќа во форма која е отпорна на овие третмани.
Во новата студија, научниците од Стенфорд развија помалку инвазивен метод за лекување на тумор на мозокот, кој во тестовите на глувци, значително го зголемил времето на преживување. Потребни беа само 15 минути третман дневно во тек на 15 дена, дури и додека глувците само ги правеле своите вообичаени работи.
Оваа техника се заснова на нов тип на лечење на разни видови на рак, кој вклучува инјектирање наночестички во туморот и потоа нивно загревање. Предизвикувачите можат да бидат во форма на електромагнетно поле, ултразвук или светлина, а бидејќи клетките на ракот се почувствителни на топлина отколку здравите клетки, ова може да ги убие со минимално оштетување на околното ткиво.
Новиот уред од Стенфорд е дизајниран да се вградува помеѓу кожата и черепот и испушта инфрацрвена светлина кога ќе се вклучи. Ѕвездените наночестички направени од злато се вбризгуваат во туморот на мозокот преку мала дупка во черепот, а инфрацрвената светлина од уредот ги загрева за 5°C. По неколку циклуси на овој третман, клетките на ракот беа успешно уништени.
Научниците велат дека прилагодувањето на моќта на инфрацрвената енергија, како и брановата должина на светлината може да овозможи таргетирање на тумори со различни големини и на различни локации во мозокот.
Во испитувањата на глувци, беше откриено дека третманот ги намалува клетките на ракот во мозокот и значително го продолжува животниот век на животните, во просек до три пати подолго од времето на преживување на нетретираните. Кога била додадена хемотерапија, глувците преживеале уште подолго.
Колку и да изгледа ветувачко истражувањето досега, тешко е да се екстраполираат резултатите на луѓето, но тимот се надева дека ќе ја прошири неговата употреба за користење кај човечки пациенти, како уште едно оружје во арсеналот против оваа смртоносна форма на рак.
Истражувањето објавено во списанието Nature Nanotechnology можете да го најдете на овој линк.