Apple ги објави најновите верзии на своите мобилни софтверски платформи iPadOS 16.1, iOS 16.1, watchOS 9.1 и tvOS 16.1. Секако, најмногу се очекуваше оперативниот систем за таблет уредите, бидејќи неговото деби беше одложено и наместо iPadOS 16, директно пристигна iPadOS 16.1.
iPadOS 16 располага со редизајниран систем за мултитаскинг, Stage Manager, кој ќе биде достапен за iPad Pro 12.9 (трета генерација и подоцна), сите 11-инчни iPad Pro модели и најновиот iPad Air со M1 чип. Stage Manager овозможува групирање на апликациите и нивно прикажување со еден клик, а во намалената форма ќе се гледаат една врз друга, па корисниците ќе можат да бираат која да биде во преден план. Подоцна во текот на годината, уредите со M1 и M2 чипсети ќе можат да го користат Stage Manager и на надворешен дисплеј, до 6K резолуција.

iPad за прв пат добива и нативна апликација Weather за временска прогноза. Има и повеќе опции во врска со пораките, вклучувајќи уредување, откажување, означување на разговорите како непрочитани итн. Другите нови функции вклучуваат повеќе опции за управување со електронската попта, поддршка за iCloud Shared Photo Library, нови опции за безбедност и соработка во Safari и изгледот на апликацијата Weather. Најавена е и целосно нова апликација за соработка на iPad, Freeform, во чии рамки ќе може да се изршуват видео конференции и да се црта или пишува на заедничка дигитална „табла“.
Покрај новата верзија на оперативниот систем за iPad, Apple ја објави и првата надградба на iOS 16, односно iOS 16.1, која ги донесува следните новитети:

- iCloud Share Photo Library – можност за креирање на споделен фото албум кој ќе се користи заедно со членовите од фамилијата и пријателите
- Live Activities – информации како спортски натпревари во живо, статус на нарачаниот превоз и слично се прикажуваат на „заклучениот екран“, како и на Dynamic Island кај iPhone 14 Pro
- Дополнително средување на делот за прилагодување на новиот „заклучен екран“ со посебни копчиња за прилагодување на посебните делови
- Поддршка за Matter стандардот за паметни домови
- Полнење на смартфонот кога мрежата користи обновливи извори на енергија
- Можност за бришење на Wallet апликацијата
- Процент на батеријата кај дополнителни телефони
- Подобрување кај корисничкиот интерфејс кој се појавува кога се прави слика од екранот
- Дополнителна линија која покажува колку е полна батеријата на „заклучениот екран“
- Прикажување на процентот на батеријата на „заклучениот екран“, над часовникот, кога телефонот е поставен на полнач
- Подобрување на новиот Wallpaper дел во Settings
watchOS 9.1 нуди подобрувања во траењето на батеријата за некои активности. Ова е можно со ограничување на фреквенцијата на отчитување на отчукувањата на срцето и користење на GPS. Ажурирањето влијае на Watch Series 8, Watch SE (втора генерација) и Apple Watch Ultra. tvOS 16.1 донесува нов дизајн на Siri, поддршка за споделени фото библиотеки и Fitness+.

