Компанија од Калифорнија, чиј основач никогаш во животот не направил ниту обичен автомобил, тврди дека во 2025 година ќе го пушти на пазарот „првиот вистински летечки автомобил“
Компанијата Alef Aeronautics од Калифорнија, одлучи да биде првата што ќе лансира електричен летечки автомобил на пазарот. Нивната цел е тоа да го направат во следните три години, а неодамна го претставија и концептот на тоа возило наречено Alef Model A.
Станува збор за електричен летечки автомобил со каросерија покриена со мрежа, под која се сместени осум пропелери. Неговите пропелери ги заменуваат традиционалните мотори на автомобили, овозможувајќи му да полета директно во воздухот од конвенционален пат, без потреба од некоја специјализирана писта, пишува Дејли меил.
Многу е интересно што по полетувањето, телото на автомобилот се навалува за 90 степени, така што горниот дел од автомобилот е свртен напред, а пропелерите потоа едноставно даваат потисок напред. Меѓутоа, патничката кабина се ротира околу својата оска и останува во хоризонтална положба, така што патниците можат да бидат свртени напред за време на летот.
Цената на тој многу амбициозен летечки автомобил треба да изнесува околу 300.000 долари, а неговата испорака треба да биде веќе во 2025 година, според Џим Духовни, основач на Alef Aeronautics.
Alef Model A неодамна беше претставен на прес-конференција во Сан Матео, Калифорнија. Има досег на возење од 322 километри и опсег на летот од 160 километри. Сепак, на неодамнешната презентација немаше пробен лет, па засега ќе мора да се верува на зборот на Алеф.