„macOS Ventura го подигнува Mac искуството на сосема ново ниво со способности кои им помагаат на корисниците да постигнат повеќе од кога било досега“, наведуваат од Apple.
Оваа недела, Apple објави нова верзија на својот оперативен систем, macOS 13 Ventura, кој донесува многу нови функции. За издвојување е системот за управување на повеќе апликации и прозорци Stage Manager, можноста за уредување и откажување на испраќање iMessages како во iOS 16 и долгоочекуваната функција Continuity Camera која го претвора iPhone уредот во веб-камера.
Покрај Messages, промени дојдоа и кај другите често користени апликации, како што се Mail и Safari. На пример, корисниците сега можат однапред да го одредат времето во кое ќе биде испратен мејлот или целосно да го откажат неговото испраќање. Safari ја добива функцијата Shared Tab Groups за споделување отворени табови со други корисници, како и можноста за најавување со PassKeys.
System Preferences го промени името во System Settings и доби редизајниран интерфејс, кој според Apple, би требало да биде полесен за користење. MacOS Ventura ја донесува и можноста за преместување FaceTime повици од Mac на iPhone и iPad или обратно. Добра вест е што апликацијата Weather конечно пристигна и на Mac, оптимизирана за поголем екран.
За да инсталирате macOS Ventura, треба да отидете во менито на Apple, потоа System Preferences и на крајот Software Update. Подолу е листа на уреди кои го поддржуваат новиот десктоп оперативен систем на Apple.
- iMac (2017 и понов)
- iMac Pro (2017)
- Mac Pro (2019 и понов)
- Mac Mini (2018 и понов)
- Mac Studio (2022)
- MacBook Pro (2017 и понов)
- MacBook Air (2018 и понов)
- MacBook (2017 и понов)
Повеќе информации се достапни на официјалната веб-страница на Apple.