Советот на Европската Унија и Европскиот парламент синоќа постигнаа договор за закон со кој се предвидува крај на продажбата на нови автомобили и возила со мотор со внатрешно согорување, т.е. бензин и дизел, од 2035 година.
„Овој договор го отвора патот за современа и конкурентна автомобилска индустрија во ЕУ. Светот се менува и ние мора да останеме лидери во иновациите“, изјави чешкиот министер за индустрија и трговија, Јозеф Сикела.
Чешкото претседателство преговараше во име на 27-те земји-членки на ЕУ со претставниците на ЕП. Постигнат е договор за намалување на испуштањето јаглерод-диоксид од новите автомобили за 55% и 50% за камиони до 2030, во споредба со нивото од 2021 година. Според тоа, до 2035 година треба да се постигнат нула емисии и за новите автомобили и за камионите.
Договорот е дел од пакетот „Подготвени за 55%“, со кој ЕУ си постави за цел намалување на нето-емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% до 2030 година.