Во тек е сезоната на квартални извештаи за третото тримесечје, а стравот на многумина од доаѓањето на рецесија најдобро се гледа од реакциите на инвеститорите на деловните резултати на највредните светски компании.
Оваа недела беа објавени серија деловни извештаи за третиот календарски квартал од 2022 година. Во тој период Microsoft постигна подобри резултати од очекуваните, но насоките за четвртиот квартал побудија песимизам во сите бизнис сегменти. За изминатиот квартал, Microsoft објави приход од 50,1 милијарди долари, што претставува зголемување од 11 проценти, или 16 отсто прилагодено за валутните разлики, надминувајќи ги очекувањата. Но, проекцијата на приходите меѓу 52,4 и 53,4 милијарди долари за следниот тримесечен период ги разочара инвеститорите и ја повлече цената на акциите надолу за речиси 10 проценти.
По Microsoft, Alphabet исто така забележа пад на акциите за околу 10 проценти, откако компанијата објави разочарувачки резултати во третиот квартал. Ова е поради слабеењето на глобалната економија, што негативно се одрази на растот на приходите од реклами. Приходите изнесуваа 69 милијарди долари, при што во адвертајзинг секторот има раст од само 2,5% во однос на минатата година. Приходите од YouTube исто така беа под очекувањата, додека само платформата Google Cloud ги надмина очекувањата.
На Facebook му пресуди метаверзумот
Сопственикот на Facebook, компанијата Meta е во сосема други проблеми. Тие го објавија својот втор последователен квартален пад на приходите, наведувајќи ги предизвиците во форма на макроекономската ситуација, конкуренцијата од типот на TikTok и политиката на Apple за забрана на следење на корисниците за да се сервираат целни реклами. Meta објави квартален приход од 27,7 милијарди долари, што е намалување за околу 4% на годишно ниво. Ова ги намали цените на нивната акции за речиси 25 проценти. Очекувањата исто така не се големи, бидејќи Meta најавува и раст на трошоците, пред се поврзани со инвестициите во проектот Метаверс – што е контроверзен проект кој плаши многу инвеститори.
Следуваше нов шок за финансиските пазари: акциите на Amazon паднаа за речиси 20% по објавувањето на резултатите, кои беа значително послаби од очекуваното. Приходите од 127 милијарди и донесоа добивка на компанијата од 2,9 милијарди долари, со негативни проекции за следниот празничен квартал. Слабата економска перспектива ќе влијае на оваа трговија и купување во наредниот период, што заедно со послабата побарувачка за реклами, го прави Amazon повеќе да не е толку атрактивна инвестиција.
И за крајот на неделата уште една позитивна вест. Apple во своите резултати за четвртиот фискален квартал од годината објави рекордни приходи од 90,1 милијарди долари, што претставува зголемување од 8 проценти. Нивната добивка за периодот е исто така зголемена за 4 отсто, додека на годишно ниво е за 9% поголема од лани. Сите сегменти забележаа раст, освен продажбата на iPad, која веројатно забави поради очекувањата за новите модели. Најважниот празничен квартал за Apple допрва доаѓа, а очекувањата за него покажуваат дека побарувачката за iPhone 14 е нешто помала од претходно проектираната, па акциите на компанијата исто така загубија околу 3 проценти во вредност по објавувањето на резултатите.