Копчињата на идните модели од iPhone 15 серијата ќе имитираат притискање со помош на вибрации.
Иако сме оддалечени речиси една година од лансирањето на новите iPhone уреди, аналитичарите на секој начин се обидуваат да откријат што носи иднината. Најпознатиот меѓу нив, Минг-Чи Куо сега тврди дека смартфоните од серијата iPhone 15 нема да имаат копчиња на кои сме навикнати.
Имено, Куо преку својот Твитер профил објасни дека копчињата за прилагодување на јачината на звукот, како и копчето за вклучување, ќе бидат само имитација, односно нема да бидат физички, туку ќе работат по истиот принцип како и „лажното“ Home копче кое првпат беше претставено на iPhone 7 моделите. Овој дизајн не и е непознат на компанијата Apple, бидејќи освен што споменатата технологија ја видовме на телефоните – тракпадите на нивните лаптопи исто така не се подвижни, туку само имитираат кликови со ситни вибрации.
Со цел новите копчиња верно да го овозможат чувството на притискање на вистинско копче, Куо вели дека Apple под секое од нив ќе постави по еден Taptic Engine вибратор со што ќе се зголеми бројот на вибратори во телефонот од еден на три.
Ова не е прв пат да се шпекулира дека Apple ќе користи неподвижно копче – пред неколку години се шпекулираше дека ќе видиме слична имплементација на нивните паметни часовници, но тоа никогаш не се оствари. Сепак, Куо е многу почитуван и доверлив аналитичар, па не веруваме дека би ги објавил овие информации доколку не се од сигурни извори.