Истражувањето открива дека ризикот од развој на болести кај луѓето над 50 години е повеќе поврзан со нивната возраст, водата што ја пијат или воздухот што го дишат отколку со нивната семејна ДНК.
По педесеттата година од животот, ризикот од равој на болести повеќе се одредува според возраста и околината, отколку од гените што сте ги наследиле од родителите, покажува новото американско истражување.
Кога луѓето ќе достигнат одредена возраст, нивните индивидуални разлики во ДНК имаат многу помало влијание врз тоа дали се склони кон болести поврзани со возраста, како што се рак, деменција или дијабетес, пишува Independent.
„Нашиот личен генетски состав несомнено е корисен за проценка на здравствените ризици на помлада возраст“, велат научниците од Универзитетот во Калифорнија, Беркли, но додаваат дека ризиците од болести кај постарите лица се повеќе поврзани со нивната возраст и околината.
Процесот на стареење кај луѓето има разлики дури и меѓу идентичните близнаци постари од 55 години кои имаат потполно исти гени. Тоа значи дека и тие можат да стареат поинаку, бидејќи иако човечкото ткиво постојано се регенерира, како што старее организмот станува сè поподложен на канцерогени мутации.
Студијата открива дека ризикот од развој на болести кај луѓето над 50 години е повеќе поврзан со нивната возраст, водата што ја пијат или воздухот што го дишат отколку со нивната семејна ДНК.
„Во областа на човечката генетика е вложен огромен труд да се разбере како генетската варијација ги вклучува и исклучува гените“, рече Питер Судмант, доцент по интегративна биологија на UC Беркли и член на Центарот за компјутерска биологија.
„Но, нашата работа се заснова на прашањето: „Како сето ова влијае на возраста на поединецот? И првиот откриен резултат укажа на тоа дека нашата генетика е всушност помалку важна колку што сме постари“.
Резултатите од студијата на Беркли се чини дека се во согласност со значајната хипотеза на бразилскиот биолог Питер Медавар дека генетската историја е важна само кога се разговара за здравствениот статус на младите луѓе, а не и на постарите.