Приходите од продажбата се зголемени за 5,5 отсто во споредба со претходната година и изнесуваат 8,8 милијарди денари
Македонски Телеком во првите девет месеци од 2022 година оствари раст и ја потврди лидерска позиција на пазарот во повеќето сегменти. Приходите од продажбата се зголемени за 5,5 отсто во споредба со претходната година и изнесуваат 8,8 милијарди денари. Сепак, ефектите од глобалните економски трендови и зголемувањето на цената на електричната енергија влијаеа врз оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA), која е намалена за 3,7% во споредба со истиот период од претходната година.
Зголемен пристап до 5G и оптичка мрежа
Првата и најголема 5G комерцијална мрежа во Македонија сега е достапна во 26 градови и нивните околини, а во поголемите градови и со гигабитни брзини. Компанијата интензивно и посветено инвестираше и работеше на терен и го оствари предвидениот план до крајот на 2022 година да им овозможи на корисниците широк пристап до технологијата на најновата генерација.
Паралелно со мобилната расте и се развива оптичката мрежа. На крајот на првите девет месеци на 2022 година, овозможени се повеќе од 267 илјади пристапи до оптика што е за 11 % зголемување споредено со истиот период од претходната година.
Лидер на ТВ пазарот
Македонски Телеком останува лидер на пазарот на ТВ услуги со удел од 34%. Атрактивната понуда на MaxTV содржини и уникатното ТВ искуство придонесуваат за континуирано зголемување на бројот на корисници. Во првите девет месеци од 2022 година се бележи зголемување за 1,8 отсто со што вкупниот број на корисници е 147,6 илјади.
Раст во сегментите: интернет и мобилни услуги
Континуираниот раст продолжува и во мобилните и интернет услуги. Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,7 проценти и изнесува 202,9 илјади, а за 3,5 отсто зголемен е вкупниот број на интернет пристапи.
Во мобилните комуникации, базата на корисници е зголемена за 6,9 отсто, со што бројот на корисници достигна 1.3 милиони. И во фиксната телефонија остануваме на лидерска позиција со 226,5 илјади корисници.
Забрзан раст во ИКТ сегментот
Продолжува трендот на забрзан раст и користење на ИКТ и Cloud решенија и услуги, што ги зголеми приходите од системска интеграција и ИТ услуги за дури 67,7 отсто во споредба со истиот период од минатата година. Позитивниот тренд во ИКТ сегментот се должи на зголемените приходи од ИКТ проекти, како што е паметен град.