Според пишувањата на медиумите, Маск планира да ја зголеми цената на претплатата на 20 долари, а сите корисници кои сакаат да го задржат синиот знак ќе мора да ја платат таа претплата.
Откако конечно заврши сапунската опера за преземањето на Twitter, Елон Маск веднаш се зафати со работа и почна да спроведува радикални промени од кои многумина нема да бидат воодушевени. Најпрвин, веднаш им ја покажа излезната врата на некои од врвните луѓе на компанијата, вклучувајќи го и поранешниот извршен директор Параг Агравал.
Исто така, на мрежата кружат гласини за неодамнешни масовни отпуштања во компанијата, но покрај вработените, се чини дека големи причини за незадоволство ќе имаат и корисниците на оваа мрежа. Имено, одамна е познато дека желбите на Маск се Twitter да генерира големи приходи за компанијата од претплати, а благодарение на извештајот на The Verge сега знаеме на што конкретно мислел.
Како прво, тој сака синиот знак за проверка за верификација на корисникот да стане дел од претплатата на Twitter Blue. Тоа значи сите што моментно го имаат тој знак што им го потврдува идентитетот, сега ако сакаат да го задржат ќе треба да платат. Уште една голема промена се однесува и на таа претплата. Во моментов изнесува пет долари месечно, а на корисниците им донесува некои дополнителни можности при користење на оваа мрежа. Планот на Маск, според пишувањата на медиумите, е да го зголеми износот на претплатата на дури 20 долари месечно. Корисниците ќе имаат период од три месеци во кои ќе треба да станат претплатници, а доколку не почнат да плаќаат за претплата, по тие три месеци ќе го изгубат синиот знак.
Според истите медиуми, Маск не им дал премногу време на вработените, кои треба да ја лансираат оваа опција до 7 ноември. Во спротивно – ќе добијат отказ. Со оглед на тоа што рокот е многу краток, јасно е дека на вработените им претстојат непроспиени и стресни ноќи.
Она што не е познато е дали сите претплатници ќе го добијат синиот знак или тој ќе остане резервиран само за одредени корисници, како што беше досега.