Американскиот изум PikaBoost е додаток за велосипеди, со кој и оние стандардните можат да станат електрични. Склопот тежи три килограми и се поставува на рамката, додека својата функција ја врши потпирајќи се директно на гумата
Ако досега сте имале идеја да го претворите вашиот велосипед во електричен, тоа обично бара значителни модификации, искуство во механика, електроника и машинско инженерство или можете да купите комплет, но и него обично не беше тривијално да го инсталирате на класичен велосипед. Со својот производ PikaBoost, американската компанија Livall сака тоа да го промени и да им овозможи на сите да го електрифицираат својот велосипед во неколку чекори и да добијат помош од електричната енергија при педалирање.
Никогаш полесна конверзија во е-велосипед
Како функционира овој уред најдобро се гледа на фотографиите. Компактниот склоп е поставен на рамката, обично под седиштето, и се потпира на задната гума со гуменото тркало. Преку овој контакт, тој остварува две главни функции: пренос на сила на задното тркало и негова регенерација при сопирање и негово враќање на вградените батерии.
Во самиот PikaBoost има сет од 18 батерии од тип 18650, што се полнат и се заменливи, кои имаат вкупен капацитет од 243 Wh. Има и електромотор/генератор, со моќност од 250 W, а производителот вели дека досегот на електрифицирано возење ќе биде до 30 километри. После тоа, батериите ќе треба да се полнат преку USB полнач, во период од околу 3 часа.
Компактниот PikaBoost во истото водоотпорно куќиште, со димензии 6,6 x 33,8 x 13 мм, носи и задно стоп светло со автоматско откривање на забавување, USB порт, механизам за заклучување, сензори за терен и пад, како и автоматска сопирачка. На системот не треба рачно да му “се дава гас“, бидејќи одредува колку и кога му е потребна помош на возачот, за да се одржи константна брзина на возење. Откако ќе го паркирате велосипедот, PikaBoost може да се заклучи со помош на соодветната мобилна апликација или едноставно, без потреба од користење алатки, да се извади и земе со вас.
Потенцијални проблеми со овој додаток би можеле да бидат корисниците на велосипеди со задни браници, кои ќе мора да го жртвуваат овој додаток доколку сакаат да имаат електричен погон. Исто така, не е сосема јасно како PikaBoost би се справил со задното тркало на амортизери,те бидејќи се чини дека е прилагоден само за hardtail велосипеди, без суспензија на задната оска. Можеби за време на понатамошниот развој, Livall ќе ги реши и овие недоумици.
Како и да е, Livall PikaBoost ќе биде лансиран оваа недела преку Kickstarter. Неговата основна цена ќе биде 599 долари, но за првите поддржувачи на кампањата ќе биде преполовена на 299 долари за одреден број на рани купувачи.