Брзиот безжичен интернет денес стана нешто без кое тешко можеме да ги замислиме своите животи. Повеќето од нас во своите домови имаат интернет врска со неограничена потрошувачка и Wi-Fi сигнал од рутер кој ги поврзува сите можни уреди – лаптопи, таблети, мобилни, телевизори.
Меѓутоа, Wi-Fi сигналот има свое техничко ограничување со тоа што слабо поминува низ ѕидови. Овој проблем досега го решававме со мал или голем успех преку уреди за засилување на сигналот, т.н. екстендери.
Во списанието Nature неодамна беше објавен научен труд со наслов „Anti-reflection structure for perfect transmission through complex media“. Под овој комплициран наслов се крие токму едноставно решение за проблемот со достапноста на квалитетен Wi-Fi сигнал во секое ќоше од вашиот дом.
Истражувањето кое заедно го спровеле научници од Технолошкиот факултет во Виена и Факултетот во Рен дава надеж дека наскоро Wi-Fi сигналот без ограничување ќе поминува и низ дебели ѕидови.
Кога Wi-Fi брановите поминуваат низ некоја сложена пречка како арматурниот бетонски ѕид, тие се рефлектираат, распрснуваат, скратуваат и апсорбираат. Идејата на австриско-францускиот тим е да се поставуваат посебни структури, односно премачкувања, на ѕидовите со цел да се спречи рефлексијата на брановите.
„Тоа можете да ги замислите како антирефлексна облога на очила. Кога ќе ставите дополнителен слој на стаклото, рефлексијата се намалува и светлосните бранови подобро допираат до окото“, вели еден од авторите на студијата, Штефан Ротер од Технолошкиот факултет во Виена.
Секако, масивните пречки како ѕидовите се далеку посложени од очила. Тие претставуваат своевиден лавиринт низ кој патуваат брановите, па клучно е да се утврди по кој пат тие поминуваат.
„Прво мора едноставно да се пратат одредени бранови низ пречката и точно да се измери како тие бранови се рефлектираат од материјалот“, вели коавторот Михаел Хородињски.
Со овие информации може да се израчуна како би требало да изгледа компензацискиот слој за било кој ѕид кој би ја „поништил“ рефлексијата и би овозможил брановите непроменети да минат низ ѕидот.
„Клучот за тоа е математички метод кој може да се користи за пресметување на точниот облик на овој антирефлексен слој“, додава Хородињски.
Научниците и претходно знаеја дека ваквиот метод е теоретски можен, но сега за прв пат смислија конкретна постапка за пресметување и воедно успешно го тестираа во експерименти.
Праќајќи микробранови низ сложен и неуреден лавиринт од препреки, ја пресметале антирефлексната структура; кога во екпериментот таа била поставена пред препреката, рефлексијата речиси потполно исчезнала. Можностите за примена на ова откритие се навистина широки.
Авторите на студијата откриле дека може да се одреди алгоритам за пресметување на потребното компензациско распрснување, што отвора можности не само за Wi-Fi, туку и за подобрување на работењето на други уреди како микроскопи и камери.
Уште една област во која може да се покаже корисно е наредната генерација на мобилна комуникација 6G – потребната силина за емитување на мобилните комуникациски сигнали би можела значително да се намали кога од емитерот до приемникот би можело да има успешен пренос без распрснување и рефлексија.
Сепак, додека го чекаме воведувањето на 6G мрежата, ќе бидеме задоволни и доколку ѕидовите престанат да бидат пречка за обичниот Wi-Fi сигнал во нашите домови.