Google продолжува да ги гаси своите услуги, а сега на ред е апликацијата Street View.
Street View е лесен начин да се добие приказ од 360° на речиси секоја улица на планетата, што го прави совршена алатка за добивање на ран впечаток за вашата следна дестинација за патување или едноставно истражување на светот од удобноста на вашиот дом. Иако апликацијата Google Maps одамна нуди користење на функцијата Street View, на корисниците им беше достапна и специјална апликација Street View за уреди со Android и iOS.
Оваа самостојна апликација опслужуваше две различни групи луѓе – оние кои сакаа детален приказ на улицата и оние кои сакаа да придонесат со свои снимки од 360°. Со оглед на тоа што популарната апликација Google Maps има поддршка за Street View и дека Google ја нуди веб апликацијата Street View Studio, веста за исклучувањето на самостојната апликација навистина не треба да изненадува, иако е преземена повеќе од милијарда пати преку Google Play Store.
Google официјално не го објави ова. Во најновото ажурирање, компанијата подготви неколку известувања за исклучување, кои беа забележани од експерти кои ги анализираат новите изданија на апликации. Известувањата ги охрабруваат корисниците да се префрлат на Google Maps и наведуваат дека самостојната апликација ќе се исклучи на 31 март 2023 година.
Иако корисниците нема да изгубат премногу функционалност поради оваа одлука, исклучувањето на апликацијата ќе значи и крај на функцијата Photo Paths која беше воведена минатата година. Функцијата Photo Paths беше замислена како начин да се овозможи речиси секој со паметен телефон да прикачи едноставни дводимензионални фотографии од улици или патеки кои компанијата сè уште не ги документирала.