Новите графички картички Radeon RX 7900 XTX и 7900 XT на AMD се базирани на новата RDNA 3 архитектура на компанијата и претставуваат значителен скок во перформансите во споредба со нивните претходници.
AMD оваа недела ја претстави следната генерација на графички процесори – Radeon RX 7900 XTX и 7900 XT. Станува збор за графички картички кои се базираат на новата RDNA 3 архитектура на компанијата и кои се првите во светот кои користат дизајн базиран на чиплети, со што се овозможува мешање и спојување на делови за различни конфигурации.
Имено, матрицата на графичкиот процесор доаѓа со две главни компоненти – GCD (Graphics Compute Die) и MCD (Memory Cache Die). GCD во новите графички картички на AMD е направен со користење на новиот процес на производство од 5 нанометри, додека MCD користи малку постар производствен процес од 6 нанометри.
Значи, RX 7900 XTX моментално е водечка графичка картичка на AMD, наменета за играње видео-игри во 4K резолуција и е до 1,7 пати побрз од графичкиот процесор RX 6950 XT. Поседува 96 CU на такт од 2,3 GHz, 24 GB GDDR6 меморија со до 384-битна магистрала, 96 MB Infinity Cache и ограничување на моќноста од 355 W.
Од друга страна, малку послабиот RX 7900 XT има 84 CU кои работат на 2 GHz, 20 GB GDDR6 меморија со до 320-битна магистрала, 80 MB Infinity Cache и ограничување на моќноста од 300 W. Двата графички процесори поддржуваат DisplayPort 2.1, а за напојување им се потребни два обични 8-пински конектори, што значи дека корисниците нема да мора да купуваат специјални конектори и слично.
Двете нови графички картички на AMD ќе бидат достапни за купување од 13 декември. RX 7900 XTX ќе пристигне со препорачана малопродажна цена од 999 долари, додека RX 7900 XT ќе чини 899 долари. Повеќе информации, вклучувајќи ги и резултатите од бенчмарк тестовите се достапни на официјалната веб-страница на компанијата.