Од големите најави за развој на Hyperloop, барем засега, нема да има ништо, бидејќи цевката наменета за тестирање е демонтирана, а на нејзино место ќе се гради паркинг.
Една од многуте визии на Елон Маск се однесува и на Hyperloop, транспортот на иднината што може целосно да го револуционизира начинот на патување и поврзување на далечните места. Се заснова на магнетна левитација и вакуумски цевки низ кои капсулите што носат луѓе треба да минуваат со голема брзина.
Теоретски станува збор за брзини од околу 1000 км/ч, што значи дека таков систем еден ден би можел да го замени воздушниот сообраќај, барем на истите континенти, но прашање е како ќе се развива овој транспортен систем во иднина.
Ако сакаме да судиме според првиот прототип на Hyperloop, не баш добро. Имено, пред неколку години, во близина на седиштето на SpaceX во Хотрон, Калифорнија, беше поставен надземен тунел, односно цевка за тестирање на овој транспортен систем долг околу 1,6 километри.
Овој тунел, како што сликовито го опишаа на The Verge, требаше да биде „демонстрација на визијата на Маск“. Откако беше претставен во 2018 година, беше наменет за натпревари на студенти кои можеа да ги тестираат своите капсули во него, а потоа Маск најави дека во 2019 година може да очекуваме многу подолг тунел со должина од околу 10 километри, кој ќе има и свиоци.
Колку напредуваше визијата на Маск најдобро покажува просторот на кој во 2018 година беше инсталирана првата цевка за тестирање на Hyperloop. Имено, како што објавија медиумите оваа недела, тој надземен тунел бил демонтиран и отстранет. Наместо тоа, на таа локација е планиран – паркинг.