Крв направена во лабораторија за прв пат е вбризгана во човек, а тоа е направено како дел од првото клиничко тестирање на лабораториска крв во светот.
Се работи за мала количина на крв за да се сфати како телото ќе реагира на неа. Научниците веруваат дека трансфузијата ќе продолжи да се заснова на дарување крв, но целта е да се направат ретки крвни групи.
Ова им е најпотребно на оние кои зависат од чести трансфузии за разни болести, како што е анемијата на српести ќелии. Ако крвта не е целосно соодветна, тогаш телото не ја прифаќа и третманот не е успешен.
Професорката на британскиот универзитет во Бристол, Ешли Тој истакна дека во Велика Британија има само десет луѓе кои можат да им даруваат крв на оние кои имаат исклучително ретка крвна група.
Научниците од универзитетите во Бристол, Кембриџ, Лондон и Националниот здравствен систем на Велика Британија се занимавале со лабораториско производство на крв. Процесот на производство трае три недели, т.е. додека крвните зрнца не се во состојба погодна за трансплантација.
Во клиничкото тестирање учествуваат две лица, а целта е да се тестира крвта меѓу најмалку десет здрави луѓе. За минимум четири месеци ќе примат две дози крв во количина од пет до десет милилитри. Првата доза ќе содржи природна крв, а втората ќе содржи крв одгледана во лабораторија. Научниците очекуваат дека крвта одгледана во лабораторија ќе биде уште подобра од природната крв.
Сепак, постојат значителни финансиски и технолошки предизвици во лабораториското производство на крв. Многу е веројатно дека ќе бидат потребни многу повеќе истражувања за да се произведат потребните количини, пренесува BBC.