Xiaomi би требало до крајот на оваа година да ги претстави Xiaomi 13 и Xiaomi 13 Pro. Овие телефони ќе пристигнат како наследници на Xiaomi 12 и Xiaomi 12 Pro, но се чини дека нема да го задржат истиот дизајнерски јазик. Стандардниот Xiaomi 13 модел првпат се појави на рендери кои откриваат поинаков дизајн во споредба со неговиот претходник.
OnLeaks во соработка со CompareDial креираше рендери од Xiaomi 13 телефоните, кои се базираат на гласините за дизајнот на овој смартфон.
Рендерите откриваат дека Xiaomi 13 ќе има рамен екран и рамни страни, што се чини дека е преземено од Apple. Околу дисплејот има минимални рамки, а во горниот централен дел на екранот има отвор во кој е сместена предната камера. Страните на телефонот се поквадратести за да се создаде изглед на кутија. Сепак, за разлика од поновите iPhone уредите, задното стакло сè уште има мало заоблување околу рабовите, што би требало да значи дека ќе биде полесно да се држи.
Кога станува збор за задниот дел на уредот, тој наликува на дизајнот на iPhone 14 и iPhone 13. Тука, првенствено се мисли на распоредот на камерите на телефонот. Камерите се поставени во заоблен квадрат и се наоѓаат во три од четирите агли.
Димензиите на телефонот се 152,8 x 71,5 x 8,3 мм, додека со испакнување на камерата телефонот е со дебелина од 10,3 мм.
OnLeaks претходно откри дека Xiaomi 13 и Xiaomi 13 Pro ќе работат на најновиот Qualcomm Snapdragon 8 Gen 2 чип.
Доколку сакате да погледнете повеќе 3D рендери од претстојните Xiaomi 13 модели, посетете го ОВОЈ ЛИНК.