Двајца Кинези работеа повеќе од 200 дена на проектот за првиот во светот преклопен iPhone со флексибилен екран, по моделот на Galaxy Flip или Motorola Razr. Резултатот е секако интересен
Кинески YouTube канал со прекар Aestethic Tech, кој има околу 70.000 следбеници на мрежата, се пофали со својата работа, која веднаш стана вирална на социјалните мрежи. Имено, тој и неговиот колега Едвин го креираа првиот светски – преклопен iPhone. Како „жртви“ ги избраа „iPhone X“ и преклопниот „Motorola Razr“ и создадоа „франкенштајновски“ iPhone, што може да се преклопи до одреден степен.
iPhone ги донираше внатрешните компоненти и екранот, додека механизмот за преклопување беше позајмен од Motorola. Само процесот на избор на вистинскиот екран, меѓу оригиналните и резервните делови, како и неговото прилагодување на функцијата за преклоп траеше околу два месеци. Како што велат, успеале дури во 37. обид, а поради употребата на оригиналниот панел, кој не е прилагоден на свиткување, овој iPhone може само делумно да се преклопи.
iPhone V
Друг голем предизвик беше преуредувањето на хардверските компоненти, за да може телефонот да се свиткува по средина. Беше неопходно не само да се „подели“ iPhone на два дела, туку и да се постават неговите компоненти во горните и долните делови, притоа зачувувајќи ги главните функции. Деловите на куќиштето мораа да ги изработат со помош на 3D печатач, а некои делови и функции биле изгубени во тој процес. Функцијата за безжично полнење, еден од звучниците и оригиналната батерија требаше да бидат отстранати, така што преостанатиот капацитет на заменската батерија е само 1.000 mAh. Финалното куќиште наликува на последната генерација на iPhone, со шарка на Motorola и натписот iPhone на надворешната страна на шарката.
По повеќе од 200 дена и, како што велат, огромен трошок – светот го доби првиот прототип на донекаде преклопен iPhone со многу оригинални делови, и тоа во функционална состојба. За да може уредот да работи донекаде како вистински уред на преклопување, на него е инсталирана jailbreak верзија на iOS, кој може да го прилагоди интерфејсот на флексибилниот екран.
Неговите автори го нарекоа iPhone V, верзија 0.1, свесни дека тоа се работи за рудиментиран производ. Подолу е видео токое го опишува и документира овој проект (за среќа, достапни се и англиски титлови).