Во рамките на договореното партнерство, компаниите ќе го користат облакот на Google на кој ќе се испраќаат собраните податоци за процесирање.
Со оглед на тоа што денешните возила се преполни со нова технологија, не е ни чудно што се почесто ги нарекуваат компјутери на тркала. Тоа е така затоа што се повеќе технолошки компании како Google, Foxconn или Xiaomi влегуваат на пазарот со сопствена технологија или со развој на сопствени автомобили. Исто така, технолошките компании со години наназад потпишуваа различни партнерства за развој на технологија и софтвер за возила.
Така, Google пред четири години потпиша партнерство со здружение во кое се наоѓаат познати автомобилски компании како Renault, Nissan и Mitsubishi, а сега најавија нова соработка со Renault. Оваа соработка вклучува развој на напредна софтверска платформа која треба да ги движи идните возила, а треба да биде креирана на оперативниот систем на Google, Android Automotive. Освен за Renault, платформата ќе биде развиена и за други автомобили кои ги покрива овој француски бренд – Daciа, Alpine и Mobilize. Во рамките на партнерството овие компании ќе го користат облакот на Google, на кој ќе се испраќаат собраните податоци за процесирање.
Како што пренесува The Verge, Google и Renault сакаат да направат дигитален близнак на автомобилот, односно виртуелна верзија на возилата која ќе користи напредни опции од вештачка интелигенција за поедноставна и континуирана интеграција со новите сервиси во возилата и развој на апликации кои ќе се користат и внатре и надвор од автомобилите.
Во виртуелна средина компаниите ќе го тестираат софтверот и новите опции и ќе помогнат во фунцкионирањето на возилата со дијагностика во реално време, па врз база на тоа, самиот автомобил ќе треба да го предупреди возачот на потреба од некакво одржување на возилото и во зависност од ситуацијата, ќе може дури и сам да го реши проблемот.
