Ласерските оружја би можело значително да го променат начинот на борба и трошоците поврзани со испукувањето на еден истрел. Велика Британија веќе има инвестирано 100 милиони фунти во нивниот развој
По неодамнешното германско тестирање, сега и Велика Британија објави дека успешно го тестирала своето ласерско оружје од новата генерација, Laser Directed Energy Weapon (LDEW). Се нарекува DragonFire, изработено е во нивната земја, а за него се одговорни компаниите MBDA, Leonardo и QinetiQ. Според Министерството за одбрана, тестовите ги покажале можностите на ласерското оружје на неколку различни растојанија, како и неговата точност
Чекор поблиску до оперативна употреба
Ако се постигнат сите цели во однос на опсегот и моќта на ласерот и прецизноста на неговиот систем за ласерско таргетирање и фокусирање, таквото оружје има потенцијал да и понуди на војската смртоносно оружје кое е релативно евтино за употреба.
Тестирањето беше спроведено на воениот полигон Портон Даун на југот на Англија. Иако техничките и оперативните детали поврзани со оружјето DragonFire се класифицирани како воена тајна, објавени се две интересни информации. Ласерот во овој топ е со моќност од редот од 50 kW, со можност за зголемување во иднина. За време на тестирањето, погоди цели до 3,4 километри, дури и во услови на силен дожд. Кога станува збор за самата технологија, се вели дека овој ласер во цврста состојба комбинира зраци во различни фази, од кои може да се додадат повеќе во иднина за поголема моќност.
Претставниците на компаниите кои го изработија овој технолошки напреден систем велат дека тој е веќе доволно прецизен и дека може да следи подвижна мета и да го насочи својот зрак на неа. Според нив, резултатите од тестот биле импресивни, а ова оружје го прогласиле за најмоќно од тој тип во светот. Во овој проект досега Министерството за одбрана и техничките партнери инвестирале околу 100 милиони фунти.