Galaxy Z Flip4 е нова верзија на помалиот смартфон на преклопување на Samsung, кој како и претходните модели, настојува да ја понуди технологијата на флексибилен дисплеј на просечниот потрошувач.
Текст и фото: Никола Бурагев
Се чини дека итерацијата е клучниот збор на годинешната понуда на модели на Samsung со екрани на преклопување и уште еден доказ дека компанијата планира да стане најдоверливиот производител на овој тип на уреди. Нивниот најнов преклопен Z Flip модел пристигнува со неколку клучни технолошки надградби, што ќе ги израдуваат оние што ги прескокнале претходните верзии на уредот, чекајќи линијата да ослободи од големиот број „детски болести“.
Дизајн и искуство на користење
Samsung Galaxy Z Flip4 пред се е компактен преклопен уред. Додека поголемиот Galaxy Z Fold4 од подебел смартфон се трансформира помал таблет, функционалноста на Z Flip4 лежи во неговата извонредна форма. Samsung оваа година во неколку наврати нагласи дека големата предност на моделите на преклопување лежи во нивните нови софтверски функции, но нас најмногу не импресионираше дизајнот. Не се работи за некаков драматичен скок во однос на минатогодишниот модел, туку за поправање одредени работи кои „чкрипеа“ и формирање подобар уред за секојдневна употреба.
Цврстата шарка се истакнува со елегантната мат позадина, многу поотпорна на отпечатоци во однос на претходната генерација и обезбедува прилично силен отпор при отворање и затворање, што иако гарантира дека телефонот нема случајно да се отвори, го отежнува отворањето со една рака. Уредот оваа година стекна и отпорност на кратки излети во слатка вода (IPX8 сертификат), со малку загрижувачкиот недостаток на отпорност на прашина, која претпоставуваме дека со текот на времето може да се наталожи и да предизвика проблеми во внатрешноста на шарката.
Samsung Galaxy Z Flip4 не е телефон што ќе го користите во многу рекламираниот полуотворен режим. Иако таа положба донесува низа симпатични функции, како повлекување на менито на долниот дел од екранот, додека горниот дел е резервиран, на пример, за видео на YouTube – факт е дека се гледа 6,7-инчна слика, која се преполовува, а потоа се препушта на милост и немилост на аспектот на самото видео.
За среќа, Galaxy Z Flip4 нуди многу повеќе од овој начин на работа, почнувајќи од многу поцврстата форма на самиот уред, преку рафинираната шарка и зголемената отпорност, па сè до малку поголемиот „мал“ екран на надворешниот дел од смартфонот. За сето ова придонесува и засилувањето во облик на новиот процесор Snapdragon 8+ Gen 1 и батеријата од 3700 mAh.
Екрани
Прватa работа што би сакале да ја промени Samsung е да го зголеми надворешниот екран. Сè уште се работи за прилично мал Super AMOLED дисплеј (1,9-инчи), а бидејќи е поставен на дното кога е преклопен, малку е потешко да го довлечете прстот до него додека телефонот ви е во рака.
Станува збор за исклучително добар екран кој изгледа одлично на сончева светлина, но за жал не нуди премногу опции. Екстрениот дисплеј може да прикажува различни виџети (час, датум, временска прогноза, известувања, управување со музика, календар итн.), тематски позадини и приказ на камерата – ако одлучите да фотографирате со двојната надворешна леќа со резолуција од 12 MP позајмена од Galaxy S22. Може и да се одговара на известувањата со диктирање (што не функционира на јазиците од нашиот регион) или преку однапред дефинираните фрази.
Внатрешниот екран е фантастичен, иако е доста издолжен со дијагонала од 6,7-инчи. Совршено е видлив на сонце, мазно работи поради стапката на освежување од 120 Hz, па дури и чувството под прстот е изненадувачки добро со оглед на материјалите. Нема доцнење, заматени букви и слични работи, а неговото вистинско премиум чувство малку го нарушуваат две работи. Наборот на местото на свиткување не му пречи многу на окото, но може повеќе да му засмета на прстот, а бидејќи е поиздржлив, донесува и поголем број потенцијални преклопувања од претходно. Преклопниот дисплеј обезбедува многу подобра отпорност на притисок на прстите и не делува дека ќе се скрши ако го притиснете малку посилно, а свиокот, барем во овие две недели колку имавме можност да го тестираме, се чувствува под прстите и единствено е видлив во услови на слаба осветленост по одбивањето на околната светлина.
Систем на камери
За разлика од многу телефони денес (посебно во овој опсег на цени), Z Flip 4 има вкупно само три камери. Две задни камери од 12 MP (широкоаголна и стандардна) и селфи камера од 10 MP. Ако треба накратко да ги опишеме камерите на Z Flip 4, би рекол дека се идентични со оние на Galaxy S21 моделот. Солидни детали, благо прекумерно заострување кај далечните објекти, солиден ноќен режим што се активира автоматски и пренагласен HDR ефект кој денес многу популарен.
Што се однесува до видеото, снимањето во 4К резолуција е поддржано и на задната и на селфи камерата до 60 FPS, а оптичката стабилизација на главната задна камера во комбинација со електронската е повеќе од солидна. Камерите на Z Flip 4 се посебно интересни бидејќи во преклопена состојба, задните камери можете да ги користите за селфи и да се има кадар во малиот екран. Вакви трикови имаат и другите телефони, но Z Flip 4 го нуди тоа на најлесниот можен начин. Поради тоа, со Z Flip 4 ќе ја имате една од најдобрите селфи камери во светот. Дури и во полуотворена состојба, Z Flip 4 си служиот самиот себе како сталак, па ако сакате да направите групна фотографија, никој не мора да биде издвоен за објективот. Генерално, Z Flip 4 има многу добри и сестрани камери, на кои им оди во прилог фактот дека ја нуди една од најдобрите селфи камери на светот.
Батерија и конечен впечаток
Што се однесува до батеријата, таа се троши околу 10 проценти на час при прегледување на социјалните мрежи, што значи дека уредот поддржува десет часа континуирано скролање. Процесорот најдобро функционира во игрите, во кои, со разумно загревање ја покажува целата своја моќ. Ако го земеме сето тоа предвид, Samsung Galaxy Z Flip4 би требало да издржи околу еден ден до ден и половина пред да се спои на полнач, што е стандард за флегшип паметните телефони во денешно време.
Сите овие функции, поддржани со солидниот софтвер за фотографирање во широк спектар на услови, го прават Samsung Galaxy Z Flip4 чекор поблиску да биде смартфон на преклоп за просечниот човек. Доколку случајно сте го купиле првиот Galaxy Z Flip и барате надградба или барате многу убаво дизајниран смартфон со голем екран кој може да го собере во помал џеб, ви предлагаме да фрлоте поглед на новиот Galaxy Z Flip4.
Факт е дека Samsung го исполира ваквиот дизајн, што му фали само поголем надворешен дисплеј да го доведе до совршенство. Ако на тоа се надодаде дека токму уредите од Galaxy Z Flip серијата се најпопуларен вид на преклопни паметни телефони, очигледно дека Samsung знае на кого цели. Можеби токму поради тоа што Z Flip 4 нема никакви големи и очигледни недостатоци сугерира дека Samsung е во право, па дека чисто поради промена и „кул факторот“, ваквите смартфони ќе станат стандардни во иднина.
Samsung Galaxy Z Flip4 – ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Екрани | Надворешен: 1.9″, 260 x 512 пиксели, AMOLED, 120hzВнатрешен: 6.7″, Dynamic Amoled X2, 120Hz, FHD+, 1200Nit |
---|---|
Чип | Qualcomm Snapdragon 8+Gen1, Octa-core (1×3.19 GHz Cortex-X2 & 3×2.75 GHz Cortex-A710 & 4×1.80 GHz Cortex-A510) |
RAM / Простор за складирање | 8GB RAM, 128/256GB ROM |
Задни камери | Главна: 12 MP, f/1.8, 24mm (wide), 1/1.76″, 1.8µm, Dual Pixel PDAF, OIS
Ултраширока: 12 MP, f/2.2, 123˚ (ultrawide), 1.12µm |
Предна камера | 10 MP, f/2.4, 26mm (wide), 1.22µm |
Материјали | Gorilla Glass Victus+ (задна страна), Алуминиум (рамка), Ултратенко стакло+пластика (внатрешен екран) |
Батерија | 3700mAh (25W брзо полнење, безжично полнење, реверзибилно безжично полнење) |
Влез за слушалки | Не |
Вид на USB конектор | USB-C |
Димензии и тежина | Склопен: 165.2 x 71.9 x 6.9 мм Расклопен: 84.9 x 71.9 x 15.9-17.1 мм187 гр. |
Оперативен систем | Android 12, One UI 4.1.1 |
Цена | 64.999 денари |