Ако сте ја заборавиле лозинката за вашиот смартфон, не очајувајте. Има начини да го отклучите вашиот уред
На сите ни се има случено барем еднаш. Поставивме лозинка за најавување на паметниот телефон и – ја заборавивме.
Можеби се работи за нов телефон и нова лозинка што набрзина сте ја поставиле или стар телефон што седел некаде во фиока, а сега сте се сетиле дека имате некои податоци на него што ви се потребни.
Што и да се случило, не очајувајте. Не е сè изгубено, особено ако имате телефон со Android. Има начини да пристапите до податоците на телефонот и без лозинка.
Алтернативни методи за отклучување
Прво, проверете дали има алтернативни начини за отклучување. Паметните телефони денес нудат можности за отклучување отпечаток од прст, препознавање лице, лозинка и PIN. Ако го заборавивте вашиот PIN, можеби можете да го отклучите со отпечаток од прст? Можеби сте додале пристап со идентификација на уште едно лице?
Поврзете го со компјутер
Некои телефони со Android ќе ви овозможат пристап до податоци ако го поврзете телефонот со компјутер. За тоа ќе биде доволен USB-кабел како оној што се користи за полнење на уредот.
Но, дали ќе функционира зависи од неколку параметри. Од верзијата на Android, преку моделот на уредот, специјалната програма за управување со податоци која треба од претходно да се инсталира, па дури и верзијата на Windows што се користи.
Обидете се да го поврзете вашиот уред со вашиот компјутер и проверете дали ви дава опција да префрлите документи или фотографии на вашиот компјутер. Ако понуди, зачувајте што може да се спаси. Ако не понуди, обидете се со друг начин за отклучување на уредот.
Постарите модели отклучете ги со Google recovery
Ако се работи за постар телефон, може да се обидете да го вратите пристапот користејќи го Google recovery. Овој метод на отклучување ќе ја ресетира лозинката што сте ја поставиле, но нема да ги избрише податоците на уредот.
За уреди кои користат Android 4.4 или постар, доволно е да внесете погрешна лозинка петпати по ред. По последниот неточен запис, опцијата „Forgot pattern“ ќе се појави на дното на екранот. Само кликнете на таа опција и внесете ги вашите податоци за да пристапите на Google. После тоа, уредот ќе се отклучи и ќе побара од вас да креирате нова лозинка.
Отклучете ги поновите модели со Find My Device
Уредите што користат Android 5 и понова верзија имаат дополнителна безбедносна опција која им овозможува на сопствениците полесно да го пронајдат (но и да го отклучат) уредот. Единствениот проблем е што оваа опција мора да се активира на самиот уред.
Од друга страна, доколку ја имате вклучено опцијата Find My Device (а можете да ја проверите во поставките на телефонот), доволно е да се најавите на страницата Find My Device на вашиот компјутер. Ќе ви требаат вашиот профил на Google и лозинката. Изберете го телефонот што го сакате од списокот со уреди регистрирани на таа сметка. На мапата ќе можете да видите каде е телефонот, да го заклучите (иако тоа не е потребно во овој случај) и да ги избришете податоците.
Иако можеби не е најдобрата опција ако сакате да добиете некои податоци од тој уред, може да биде добро решение ако сакате да го подарите уредот, да го замените за нов во продавница или да го продадете. Потсетуваме дека на овој начин ќе останете без податоците на уредот, а тој ќе се врати на фабричките поставки.
Отклучете со ресетирање на фабричките поставки
Ова е опцијата што треба да ја пробате последна, бидејќи тоа значи дека ќе ги изгубите сите лични податоци зачувани на тој телефон. Враќањето на фабричките поставки може да се направи со притискање на комбинација од копчиња на телефонот, а за кои копчиња станува збор зависи од производителот и моделот на телефонот.
Ако сте меѓу оние кои поставиле редовни ажурирања и создавање безбедна копија од вашите податоци во Облакот (најчесто како резервна копија на Google), ќе изгубите минимална количина на податоци. Ако не, подгответе се да ги изгубите сите податоци на тој уред.
Samsung има своја верзија на Find My Device
Корисниците на уредите Samsung можат да ја пробаат опцијата Find My Mobile на Samsung. За да го направите ова, тие треба да се логираат на страницата Find My Mobile на Samsung со нивните кориснички податоци и да го изберат уредот поврзан со нивната сметка што треба да се отклучи.
После тоа, доволно е да ја изберете опцијата Unlock и уредот ќе се отклучи и ќе биде побарано да поставите нова лозинка.