Откако првите луѓе еволуирале во Африка пред речиси три милиони години, глобалната популација постојано расте со привремени застои. Денес, според проценките на ОН, светот ќе има осум милијарди жители.
Првите луѓе
Најстарите фосили на првите познати луѓе се стари 2,8 милиони години и се пронајдени во Источна Африка. Сепак, до крајот на 19 век, проценките за бројот на жителите на Земјата беа крајно неверодостојни.
Веќе знаеме дека нашите предци биле ловци-собирачи кои имале помалку деца во споредба со подоцнежните популации за да го задржат својот номадски начин на живот.
Освен тоа, населеноста била ретка, имајќи предвид дека на ловците-собирачи им требало многу простор за да се прехранат, приближно десет квадратни километри по човек, според Ерве Ле Брас, научник од Францускиот институт за демографски истражувања (INED).
Тој вели дека населението и тогаш растело, но многу, многу бавно.
Првиот бејби бум
Првиот познат скок на населението се случил со појавата на земјоделството во неолитот, околу 10.000 п.н.е.
Со земјоделството, се развил седентарен начин на живот и способност за складирање храна, што довело до раст на природниот прираст.
„Мајките можеле да ги хранат своите доенчиња со каша, што го забрзало процесот на одвикнување и го скратило времето помеѓу породувањата. Со други зборови, жените можеле да имаат повеќе деца“, објасни Ле Брас.
Развојот на постојаните населби донел и одредени ризици. Припитомувањето на животните ги довело луѓето во контакт со нови смртоносни болести.
Смртноста кај децата била особено висока. Третина од нив умирале пред својот прв роденден, а уште една третина пред својот осумнаесетти.
„Смртноста била огромна, но во исто време бејби бумот бил континуиран“, вели Ерик Крубези, антрополог од Универзитетот во Тулуз.
Од шест милиони жители во тоа време, глобалното население пораснало на 100 милиони околу 2000 година п.н.е., а потоа на 250 милиони во првиот век.
Црна смрт
Растот на населението наеднаш бил запрен од чумата во средниот век. Пандемијата која започнала од Централна Азија, од областа на денешен Казахстан, пристигнала во Европа во 1346 година со бродови што превезуваа стока од Црното Море.
За само осум години болеста избришала 60 отсто од населението на Европа, Блискиот Исток и Северна Африка.
Поради црната смрт, глобалното население се намалило од 429 милиони во 1300 година на 374 милиони сто години подоцна.
Други настани, како што е чумата на Јустинијан, која го опустошила Медитеранот од 541 до 767 година, и војните во раниот среден век во Западна Европа резултирале со привремен пад на бројот на Земјаните.
Осум милијарди, клучен развој на вакцините
Експлозијата на населението започна во 19 век, најмногу поради развојот на медицината и индустријализацијата на земјоделството, што го зголеми глобалното снабдување со храна.
Од 1800 година, бројот на жители на Земјата пораснал осум пати, од една милијарда на осум милијарди.
Крубези смета дека клучот бил развојот на вакцините, особено против сипаници, кои го искорениле еден од најголемите убијци во светот.
70-тите и 80-тите донесоа уште една мала револуција во форма на третман на срцеви заболувања, што придонесе за намалување на смртноста на луѓето над 60-годишна возраст.