По два неуспешни обиди, NASA успеа да ја лансира мисијата Artemis 1 од Кејп Канаверал на Флорида до Месечината, помалку од една недела откако џиновската машина ги издржа налетите на моќниот ураган.
Новата пробна ракета на американската вселенска агенција NASA полета рано изутринава со три кукли во мисија околу Месечината, што по 50 години и завршување на програмата Apollo е првпат да планира да постави празна капсула во орбитата на Месечината.
Доколку сè биде во ред за време на тринеделниот пробен лет, ракетата ќе ја упати капсулата без посада во широката орбита околу Месечината, а потоа капсулата во декември ќе се врати на Земјата со контролиран пад во Тихиот Океан.
По повеќе години одложување и милијарди долари дополнителни трошоци, ракетата SLS е лансирана од вселенскиот центар Кенеди. На неа се наоѓа капсулата „орион“.
LIVE NOW: The #Artemis era of exploration begins today with @NASAArtemis I, the first integrated test flight of the rocket and spacecraft that will bring humanity to the Moon. Watch @NASA_SLS and @NASA_Orion embark on their first voyage. https://t.co/Ngak08VFb0
— NASA (@NASA) November 16, 2022
Истекување на гориво спречи два обида за полетување, а потоа ураганите предизвикаа уште неколку одложувања.
NASA очекуваше 15.000 посетители во вселенскиот центар Кенеди за денешното лансирање и уште илјадници луѓе на плажите и патиштата надвор од центарот, за да го видат долгоочекуваното продолжение на проектот „Аполо“, кога 12 астронаути чекореа на Месечината од 1969 до 1972 година.
Луѓе се собраа и пред центрите на NASA во Хјустон и Хантсвил во државата Алабама за да го гледаат спектаклот на големите екрани.
Полетувањето го означува почетокот на програмата „Артемис“, наречена по митолошката сестра близначка на Аполо. NASA планира да испрати четворица астронаути да летаат околу Месечината на следниот лет во 2024, а луѓе да чекорат таму во 2025 година.
Ракетата SLS е долга 98 метри и е најмоќна што NASA ја изградила некогаш.
Пробниот лет чини 4,1 милијарди долари и треба да трае околу 25 дена, исто како и кога имаше посада во капсула.
НАСА има во план да воспостави база на Месечината и да испрати астронаути на Марс до крајот на 2030-те или почетокот на 2040-те години. Но, за тоа е потребно да се преминат уште многу препреки.
НАСА последен пат испрати астронаути на Месечината во декември 1972 година, на крајот од програмата „Аполо“.