Американската вселенска агенција NASA и додели уште една улога на компанијата SpaceX во програмата Artemis.
НАСА го избра лунарниот лендер на SpaceX за второто слетување на астронаутите на Месечината. Како што е познато, агенцијата го избра системот на SpaceX за мисијата Artemis 3, која ќе ги врати луѓето на Месечината неколку децении по последната мисија Аполо.
Претходно оваа година, NASA соопшти дека ќе прифати нови предлози за новa лунарна сонда, која ќе се користи по мисијата Artemis 3 за да обезбеди „редундантност во услугите“. Иако на SpaceX не му беше дозволено да учествува, NASA сепак соопшти дека планира да искористи опција во постојниот договор и побара од SpaceX да го измени својот систем за слетување за да ги исполни новите услови. Ова значи дека лендерот мора да биде способен да превезува луѓе од станицата Gateway, која допрва треба да се воспостави во орбитата на Месечината, до површината на Месечината. NASA потоа може да го користи подобрениот лендер за идни мисии додека човештвото се обидува да воспостави долгорочно присуство на Месечината.
„Целта на новата работа според Опцијата B е да се развие и демонстрира лунарен лендер на Starship што ги исполнува условите на NASA за одржливи мисии надвор од мисијата Artemis 3, вклучително и приклучување со Gateway, место за четири членови на екипажот и испорака на поголема маса на површината“, се вели во соопштението на NASA.
Првичниот договор меѓу SpaceX и NASA беше вреден 2,9 милијарди долари, а лунарниот лендер Starship се очекува да спушти луѓе на површината на Месечината за прв пат во 2025 година.
Меѓутоа, генералниот инспектор на NASA, Пол Мартин во август изјави дека датумот на лансирање на Artemis 3 може да биде одложен до 2026 година. NASA очигледно предвидува одложувања во развојот на системот за слетување на Месечината, како и вселенски одела од следната генерација. Мисијата на NASA, Artemis 4, која ќе однесе уште четворица астронаути на Месечината, ќе биде лансирана најрано во 2027 година.
Засега се уште се чекаат вести за капсулата Orion откако беше успешно лансирана како дел од мисијата Artemis 1. Локацијата на капсулата може да се следи преку официјалниот профил на Twitter.