Постојат големи шанси луѓето да живеат на Месечината уште во текот на оваа деценија, велат од NASA за BBC.
Хауард Ху, менаџер на програмата за лунарната сонда Orion, вели дека ќе бидат потребни лунарни живеалишта за поддршка на идните мисии.
Според NASA, лансирањето на ракетата SLS со Orion во мисијата Artemis e „историско за вселенските летови“. Orion моментално се наоѓа 134.000 километри од Месечината.
„Тоа е првиот чекор што го презедовме во долгорочното истражување на длабоката вселена, не само за САД туку и за светот. И не мислам дека ова е историски ден само за NASA, туку и за сите луѓе кои сакаат вселенски летови и вселенски истражувања“, изјави Ху за BBC.
„Се враќаме на Месечината, работиме на одржлива програма и ова е всушност возило кое ќе ги носи луѓето на Месечината“, додаде тој.
Ако сегашниот лет биде успешен, следниот ќе биде со екипаж, а потоа ќе има и трет каде астронаутите повторно ќе слетаат на Месечината.
Една од најкритичните фази на мисијата е безбедното враќање на Orion на Земјата. Леталото ќе влезе во атмосферата со брзина од 38.000 км/час или со брзина 32 пати поголема од брзината на звукот. Штитот од долната страна ќе биде изложен на температури до 3.000 Целзиусови степени.
On the third day of the #Artemis I mission and over halfway to the Moon, @NASA_Orion maneuvered its solar arrays and captured the Moon.
Flight controllers used cameras to inspect part of the crew module and European Service Module. Follow along here: https://t.co/wDLKQFkH8z pic.twitter.com/agJuXGrzwp
— NASA Artemis (@NASAArtemis) November 19, 2022
Откако ќе се тестира и докаже безбедноста на компонентите и системите на Artemis, Ху вели дека планот на NASA е луѓето да живеат на Месечината уште во оваа деценија.
Една од причините за враќање на Месечината е да се открие дали има вода на нејзиниот јужен пол, бидејќи тоа може да се претвори во гориво за вселенските летала кои одат подлабоко во вселената, на пример на Марс.
„Ќе испратиме луѓе на површината и тие ќе живеат на површината и ќе се занимаваат со наука. За нас ќе биде многу важно да научиме да живееме надвор од орбитата на Земјата и потоа да направиме голем чекор кога ќе одиме на Марс“, рече Ху.
Капсулата Orion треба да се врати на Земјата на 11 декември. Да се надеваме дека мисијата ќе биде успешна.