Заедно со моделот X90 Pro+, Vivo денеска претстави уште два уреди – X90 и X90 Pro. Смартфоните ја комплетираат серијата и обезбедуваат малку поскромни технички карактеристики по поприфатлива цена, но сепак остануваат во флегшип сегментот. Двата паметни телефони се базираат на чипсетот MediaTek Dimensity 9200 и вклучуваат заоблени 6,78-инчни AMOLED 10-битни дисплеи со QHD+ резолуција и стапка на освежување до 120 Hz. Нивната максимална осветленост изнесува 1300 нита.
Во однос на камерите, X90 моделот има сензор Sony IMX866 од 50 MP со отвор на бленда f/1,75 и OIS. Додадени се и ултраширока камера од 12 MP (Sony IMX663) и телефото сензор од 12 MP IMX663 со 2x оптички зум. Од друга страна, X90 Pro нуди 1-инчен Sony IMX989 сензор со отвор на бленда f/1,75 исто како и X90 Pro+, ултраширока камера од 48 MP со Sony IMX598 сензор и две телефото камери – портрет со сензор Sony IMX758 од 50 MP и 64 MP со перископ дизајн за 3,5x оптички зум.
Двата уреди го користат Vivo чипот V2 за обработка на фотографии и видео при намалена светлина. Што се однесува до батеријата, X90 нуди капацитет од 4810 mAh, додека X90 Pro има 4870 mAh. Двата модели поддржуваат брзо жичано полнење на 120W, а X90 Pro исто така вклучува и безжично на 50W. Телефоните се водоотпорни, но има разлика во сертификатот – IP68 за X90 Pro и IP64 за X90.
Vivo X90 е достапен во црна, сина и црвена боја за 505 евра, додека X90 Pro е достапен само во црна и црвена боја по цена од 682 евра. Нивната продажба во Кина започнува на 6 декември, а се уште не е јасно кога ќе бидат достапни на глобално ниво.