Компанијата Honor денес претстави голем број нови уреди, од кои можеби најинтересен е смартфонот на преклоп Magic Vs. Флексибилниот уред нуди одредени подобрувања и иновации, а се очекува да се појави и надвор од Кина.
Главниот екран е OLED со дијагонала од 7,9 инчи, резолуција од 2272 x 1984 пиксели и брзина на освежување од 90 херци. Меѓу другите параметри се HDR10+, DCI-P3 покриеноста на бои и PWM локално затемнување од 1920 херци.
Можно е да се работи и со новото пенкало Magic Pen, кое се поврзува преку Bluetooth. Надворешниот дисплеј повторно е OLED, но со дијагонала од 6,45 инчи, Full HD+ резолуција, фреквенција од 120 херци и поддршка за HDR10+.

Magic Vs се базира на Snapdragon 8+ Gen 1 чипсет, кој е комбиниран со 8/12 GB RAM и 256/512 GB простор за складирање фајлови. Батеријата е со две ќелии со капацитет од 5000 mAh и технологија за брзо полнење до 66 вати, што овозможува полнење до 100% за 46 минути.
Главната камера е тројна со Sony IMX800 сензор од 54 MP со отвор на бленда f/1,9, ултраширока камера од 50MP и телефото објектив од 8MP за 3x оптички зум. Селфи камерата на надворешниот екран е 16 мегапикселна, како што е случај и кај главниот дисплеј, но нема информации за каков сензор се работи.

Зад сето ова стои нов механизам за преклопување, кој е изработен од полесни материјали и со нов процес на лиење. Шарката е прилични поедноставена и се состои од само четири елементи, а издржливоста е тестирана за над 400.000 преклопувања. Тоа значи дека треба да остане цврста и по повеќе од десет години користење. Наборот на екранот е речиси незабележлив.
Honor Magic Vs ќе биде достапен во портокалова, сина и црна боја со цени кои се движат од 1.015 евра до 1.220 евра. Неговото глобално деби се очекува да биде на почетокот на следната година.

