Apple M2 Max чипсетот се очекува да се најде во следната генерација на 14 и 16-инчните Macbook Pro лаптопи, кои би требало да бидат објавени следната година. Новиот чипсет нуди подобри перформанси и енергетска ефикасност во однос на постоечките M1 Max чипови. Станува збор за категорија на процесори наменети за поскапите производи, со подобри перформанси, но сепак нема да биде најдобриот процесор во линијата на Apple, бидејќи тоа место сепак ќе го заземе Apple M2 Ultra чипсетот, кој ќе биде лансиран подоцна следната година.
Во однос на спецификациите, Apple M2 Max ќе има вкупно 12 јадра, што е за две јадра повеќе од претходникот M1 Max со максимални 10 јадра. Сè уште не можеме прецизно да кажеме какви се перформансите и ефикасноста на јадрата. Процесорот работи на основна фреквенција од 3,54 GHz и е опремен со 4 MB L2 кеш меморија. Прелиминарните податоци од базата на податоци за резултати, Geekbench покажуваат дека системот има 96 GB вградена меморија. Што се однесува до максималната вредност на работниот такт, процесорот достигна вредност од околу 3,7 GHz.
New Mac’s Geekbench 5 scores!
12 cores, 96GB of RAMhttps://t.co/74dOcmgTod pic.twitter.com/PXl8Ul9eVp— ShrimpApplePro 🍤 (@VNchocoTaco) November 30, 2022
Кога станува збор за перформансите, Apple M2 Max освои 1889 поени во тестовите со едно јадро и 14586 поени во тестовите со повеќе јадра. За споредба, Apple M1 Max постигнува околу 1750 поени во тестовите со едно јадро и 12.200 поени во тестовите со повеќе јадра. Ова резултира со 10% подобрување на перформансите на едно јадро и 20% забрзување кога се користат сите јадра во споредба со претходната генерација на Apple M1 Max, што е солидно подобрување. Прво, прелиминарните податоци обично укажуваат дека сè уште има простор за подобрување и може да видиме неколку проценти повеќе во конечните резултати додека се приближуваме до конечниот датум на лансирање на Apple M2 Max чипсетот.
Ако го споредите со некои модерни десктоп компјутерски процесори на денешницата, како што се: Intel Core i9-13900K ‘Raptor Lake’ и AMD Ryzen 7000 ‘Zen 4’, Apple M2 Max помина како „бос по трње“ – со еден збор, споменатата конкуренција го „растури“. Разликата во перформансите е огромна бидејќи десктоп процесорите нудат над 2000 поени разлика во тестовите со едно јадро и над 20.000 поени во тестовите со повеќе јадра. Apple, пак, најверојатно ќе го искористи изговорот за енергетска ефикасност во однос на споменатите чипови, додека сепак со сите сили ќе се труди да го доближат M2 Ultra што е можно повеќе до модерните x86 делови.


