Биткоинот не е погоден како платежно средство или како инвестиција и не произведува додадена вредност. Поради сето ова финансиската индустрија треба да го отфрли, сметаат банкарите од ЕЦБ
На блогот на Европската централна банка (ЕЦБ), објавен е текст за темата која се уште е предмет на контроверзии во банкарскиот сектор – биткоинот. За него пишуваа Улрих Биндсеил, генерален директор во ЕЦБ задолжен за пазарна инфраструктура и плаќања, и Јирген Шаф, советник во истиот оддел. Тие немаат светли прогнози и позитивни мислења за биткоинот, што би можело да се очекува од банкари. Сегашната криза очигледно ги поттикна на „отворен штрајк“ насочен кон најпопуларната криптовалута.
„Биткоинот не чини за ништо“
Текстот го започнуваат со фактот дека последниот пад на вредноста на биткоинот, особено по колапсот на FTX, беше „предвидлив пресврт на настаните на патот кон ирелевантноста“. Биткоинот, велат тие, бил замислен како алатка за надминување на постоечкиот монетарен систем, но поради бавните и скапи трансакции, неговите технолошки недостатоци го прават лошо средство за плаќање. Според експертите од Европската централна банка, биткоинот никогаш не го достигнал нивото да се користи во значителен дел од правните трансакции во реалниот свет.
Според нив, биткоинот не е добар ни како инвестициско средство. Не генерира готовински тек како недвижен имот, ниту дивиденди како акции, ниту може да се користи продуктивно како разни стоки, ниту може да обезбеди друга општествена вредност како златото. „Пазарната вредност на биткоинот затоа се заснова исклучиво на шпекулации“, велат овие експерти.
The apparent stabilisation of bitcoin’s value is likely to be an artificially induced last gasp before the crypto-asset embarks on a road to irrelevance. #TheECBblog looks at where bitcoin stands amid widespread volatility in the crypto markets.
Read more https://t.co/Hk1LuYX2de pic.twitter.com/I3Uidks8Xo— European Central Bank (@ecb) November 30, 2022
Единственото нешто што може да го одржи во живот таков систем е приливот на нови пари и преку нови бранови на инвеститори. Има и претходно докажани манипулации кои ја подигнаа неговата вредност, како и – и покрај сегашната „криптозима“ – голем број компании кои продолжуваат да инвестираат во биткоин и блокчејн. Ги има сè повеќе, а има и повеќе лобисти кои се залагаат за поповолна регулатива, пред се во САД. Во Европа се подготвува регулаторен пакет познат како MiCA (Markets in Crypto-Assets Regulation), додека во САД сè уште нема законска рамка што се занимава со криптовалути.
Верувања и заблуди
Заблуда е, велат од ЕЦБ, дека на биткоинот треба да му се даде простор само затоа што е „иновативен“. Иако се заснова на новата блокчејн технологија, досега во реалниот свет создаде само многу ограничена вредност за општеството, иако има големи очекувања за тоа во иднина. Сепак, употребата на перспективна технологија не е доволна за производот базиран на неа да има додадена вредност.
Згора на сето ова, ископувањето биткоини е многу енергетски интензивно и генерира огромни количини електронски отпад – и ова е неговата вродена мана.
Биндсеил и Шаф заклучуваат дека биткоинот не е добар за плаќања или инвестиции, па како таков треба и законодавно да се третира. Сметта дека не би требало да се „легитимизира“, за финансиските институции да им го олеснат пристапот на корисниците до криптовалутите преку нивните алатки. Напротив, тие велат дека финансиската индустрија треба да предупредува за долгорочните ризици и опасности од инвестирањето во биткоин, наспроти можните краткорочни добивки.
Доколку инвеститорите во биткоин продолжат да губат, тоа ќе доведе до пад на довербата во целата финансиска индустрија, заклучуваат претставниците на банкарскиот сектор.