Британскиот град Телфорд постави паметен тротоар кој генерира енергија од чекорите на минувачите. Оваа енергија потоа се користи за полнење на паметните телефони, објавија локалните медиуми.
Советот на Телфорд и британскиот парламент покренаа поставување на високотехнолошки тротоар, кој на луѓето ќе им овозможува да ги полнат смартфоните така што чекорите ќе ги конвертираат во електрична енергија.
На тротоарот има дисплеј, кој се напојува со соларна енергија, а на него се прикажува количината енергија која се создава во текот на одењето по тротоарот. Паметниот тротоар е поставен помеѓу главната железничка станица и центарот на Телфорд.
Тротоарот е широк шест метри и е дел од проектот на Советот на Телфорд вреден четири милиони фунти, во склоп на мерките за борбата против климатските промени. Од парламентот на Велика Британија велат дека овој проект е многу битен за подигање на свеста за генерирање чиста енергија и претставува забавен начин за да се покаже како може да се генерира зелена енергија.
Извор: N1info.com