Малиот сателит што го развија инженери на Институтот за технологија на Масачусетс (MIT) постави нов рекорд во преносот на податоци меѓу сателит и Земјата
Системот TeraByte InfraRed Delivery (TBIRD) на MIT користеше ласер за пренос на огромни количини на податоци со брзина до 100 гигабити во секунда (Gbps).
Оваа брзина на пренос на податоци е далеку поголема од најголем дел од врските воспоставени меѓу Земјата и вселената. Сателитскиот интернет Starlink на SpaceX нуди до 500 Mbps за премиум корисниците, а дури и преносот на податоци од Меѓународнаста вселенска станица достигнува околу 600 Mbps. Тоа го прави TBIRD до 200 пати побрз.
Клучната разлика е во тоа што најголем дел од сателитите со станиците на Земјата комуницираат преку радиобранови. Од друга страна, TBIRD користи ласерско светло кое може да пренесе до 1.000 пати повеќе податоци во секој пренос. Ласерите сепак имаат одредени потешкотии, бидејќи зраците се потесни и бараат попрецизно усогласување меѓу испраќачот и приемникот, а светлината може да биде искривена од атмосферата, што доведува до губење на податоци. Затоа TBIRD е осмислен за да ги надмине тие проблеми.
Сателитот содржи три главни готови компоненти: брз оптички модем, оптички засилувач на сигналот и диск за складирање, а сето тоа е спакувано во кутија со големина на кутија за чевли. За да се справи со губењето податоци, тимот развил нова верзија на она што се вика протокол за автоматско повторување на барање.
Ова му овозможува на приемникот на Земјата да ги предупреди испраќачите на одредени пакети податоци кои ги пропуштиле, така што сателитот може повторно да ги испрати.
Откако ја достигна првичната мисија на TBIRD за брз пренос на огромни количини податоци, MIT сега планира тоа да двојно да го зголеми.
“Планираме да додадеме нови опции на системот, вклучувајќи зголемување на брзината на 200 гигабити во секунда, овозможувајќи брзина на преземање податоци од 2 терабајти, што е еднакво на 1.000 филмови со висока резолуција“, истакна водителката на проектот TBIRD, Џејд Ванг.